На денешен ден пред четири години еден од најдобрите кошаркари на сите времиња – загина во страшна хеликоптерска несреќа во Лос Анџелес.
Легендата на Лос Анџелес Лејкерс – Коби Брајант и неговата ќерка Џана се упатија кон тренинг центарот „Мамба“ каде неговата ќерка играше кошаркарски турнир со својот тим. На само 20 милји од комплексот во Калабасас, Калифорнија, леталото наеднаш почнало да ја губи висината поради лошите временски услови и завршило на земја и експлодирало.
Истрагата подоцна утврдила дека виновникот е пилотот Ара Зобајан.
Според извештајот, тој ги прекршил прописите летајќи во облаците, а потоа се дезориентирал непосредно пред падот поради слабата видливост.
Коби Брајант ја заврши кариерата како трет водечки стрелец во историјата на НБА со 33.643 поени. Тој освои пет шампионски прстени (2000, 2001, 2002, 2009 и 2010 година).
Засекогаш ќе остане запаметен неговиот натпревар против Торонто од 2006 година кога постигна рекордни 81 поен.
Во негова чест, Лејкерс засекогаш ги повлече дресовите со број 8 и 24.