Честитки за Шеќеринска за поканата за членство во НАТО од американските конгресмени

by fokus

Македонија се гордее со стратешкото партнерство со САД и ја цени поддршката за интеграцијата во ЕУ и НАТО, а посетата на конгресмените од САД е уште еден доказ за оваа поддршка, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на средбата во МО со група американски конгресмени предводени од конгресменот од Тексас, Бил Флорис.

Како што информираа од Министерството за одбрана, на средбата биле потврдени одличните партнерски релации меѓу двете земји, како и поддршката на САД во контекст на реформите што ги презема Владата на РМ. Била упатена честитка за добивањето на покана за почеток на пристапни преговори за НАТО и истакната поддршката на САД во овој контекст.

– За нашите граѓани нема алтернатива освен интегрирањето на земјата во ЕУ и НАТО – над 75 проценти ги поддржуваат ЕУ и НАТО интеграциите. Членството во НАТО и ЕУ ќе ги стимулира инвестициите, трговијата, пристапот до поширок заеднички ЕУ пазар, ќе ја зголеми мобилноста на луѓето, добрата и капиталот, ќе ни помогне да креираме повеќе работни места и да ги задржиме младите во својата татковина. Инвестициите во Црна Гора по зачленувањето во НАТО двојно се зголемија во првата половина од 2018 во споредба сo истиот период претходна година, и тоа охрабрува, рече министерката.

Таа ги информирала конгресмените за реформите во одбраната, но и за реформите во општеството – во контекст на владеењето на правото, слободата на медиумите, реформите во судството, борбата со корупцијата, подобрувањето на меѓусоседските и интеретничките односи, регионалната соработка, воведувањето на транспарентноста во работењето на владата.

Групата конгресмени, кои денеска го посетија министерството, ја сочинуваа и конгресмените Дејвид Прајс, Сузан Дејвис, Дина Титус и Џери Коноли, на средбата присуствуваа и заменикот Началник на ГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, амбасадорот на САД во РМ, Џес Бејли и одбранбеното аташе на САД во РМ, полковник Тимоти Бјукен, соопштија од МО.

Поврзани новости