Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во чест на Велики поклади – Прочка, упати честитка до граѓаните кои го чествуваат овој голем христијански празник.
„На овој голем празник на духовно помирување, да се издигнеме над искушенијата што ја испитуваат нашата определба кон вредностите што ни се потребни како луѓе, но и како граѓани на едно општетство во кое што живееме сите и имаме обврска да го градиме сите.
Го избравме доброто наспроти злото, вистината наспроти лагата, правдата наспроти неправдата, заедничкиот живот наместо поделби. Покажавме трпение, толеранција, мудрост и отвореност кон проблемите што носат решенија за мир и благосостојба на секој човек. Тоа е патот на нашето индивидуално и колективно помирување, каква што силна порака носи овој голем верски празник.
Во нас е совеста, пред нас е институционалната и општествена зрелост.
Да почитуваме за да бидеме почитувани. Да разбереме, за да бидеме разбрани.
Ќе бидеме самите спокојни, само ако секој од нас се посвети на спокоен живот за сите.
Среќен празник – Прочка! Имајте убав празничен ден“, се вели во честитката.
Честитка за Прочка лидерот на социјалдемократите упати и до поглаварот на МПЦ – Охридска Архиепископија, г.г. Стефан, до Синодот и до претставниците на МПЦ.