Премиерот Никола Груевски испрати честитка до граѓаните со која го честита Денот на независноста 8 септември.
Честитката ја пренесуваме во целост.
„Денот на независноста 8 Септември е празникот со кој се одбележува раѓањето и се слави опстојувањето на независна и суверена Република Македонија. Ова е празник кој преставува остварување и континуитет на трудот, вложувањата и пожртвуваноста на многу генерации граѓани кои живеа со мислата за слободна и самостојна држава, но ова е и ден со кој се празнува и мудрата одлука на огромното мнозинство граѓани кои заокружија ДА и се определија за самостојна Македонија.
Оваа година се одбележуваат 23 години од независноста на државата, години низ кои граѓаните покажаа зрелост, мудрост и капацитет, години на предизвици, на успеси и премрежја, но и време низ кое покажавме како држава дека умееме да се носиме со големата одговорност да се управува со сопствената судбина, и да се носат самостојно одлуки.
Денес Република Македонија има цврсто зацртани цели и визија. Нашата најголема задача е да го подобриме животот на граѓаните, да отвораме нови работни места, и да придонесеме за економски развоj и општествен напредок кој државата ќе ја напрaви посилна, а граѓаните посреќни и сигурни. Тоа е задача во која сите треба да придонесуваме, но и наша обврска за идните поколенија.
Овој празник треба да не потсетува на предизвиците кои сме ги надминале, но и да ни даде сила и мудрост да продолжиме понатаму. Меѓусебното почитување и единството е тоа што може да не однесе понапред и кон побрзо остварување на овие наши цели, бидејќи единството гради иднина!
Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но она што е најважно е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија.
Нека ни е честит и вековит Денот на независноста, големиот државен празник 8-ми Септември!“