Чешка е длабоко разочарана што не беше одобрена Преговарачката рамка за Северна Македонија, со која требаше формално да започнат пристапните преговори со ЕУ, велат од чешкото Министерство за надворешни работи за „Дојче веле“.
Оттаму појаснуваат дека немаат намера да дозволат да бидат усвоени заклучоците со делот за „погрешното толкување на историјата“ на кој инсистираше Бугарија, а претседавачот Германија ги предложи. Притоа, оттаму велат дека и други држави-членки на ЕУ изразиле загриженост поради заклучоците.
-Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување, велат во Прага.
Според Министерството, главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро.
-Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување, велат од чешкото МНР.
Во Прага сметаат дека билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да си го решаваат двете земји, а не да биде дел од преговорите за членство во ЕУ.
-Нашата улога треба да биде да ги поддржиме со искуството од нашиот сопствен процес на помирување. Подеднакво сме убедени дека може да се најде решение за прилагодување на нивните барања, наведуваат од чешкото МНР.
Додаваат дека и други земји, исто така, ја изразиле својата загриженост. -Имајќи го сето тоа предвид, ние сме на мислење дека конечното усвојување на текстот треба да се случи на следниот Совет за општи работи. Дополнително, длабоко сме разочарани што Преговарачката рамка, како за Северна Македонија, така и за Албанија не беше одобрена. Целосно ги поддржуваме двата нацрти кои произлегоа од напорната работа на германското претседателство, наведуваат од чешкото МНР.
Спорниот став поради кој дојде до целосна блокада на заклучоците на германското претседателство со ЕУ во однос на проширувањето кон Западниот Балкан, се наоѓа во членот 8 од Нацрт-верзијата на која јавно се спротивставија Чешка и Словачка, а во кој се вели „Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата“.