Голем е и се поголем бројот на македонски семсјтва со мали деца кои последниве години се иселуваат и започнуваат нов живот во западноевропските земји. Многумина од нив тоа го прават со бугарски ЕУ-пасоши, се разбира, не затоа што станува збор за некакви конвертирани Македонци, туку поради прагматични причини да можат да добијат право на престој и работна дозвола. Во Шведска среќавам голем број такви луѓе, од најновиот македонски иселенички бран. Вака македонскиот писател Ивица Челиковиќ, кој живее во Гетеборг, Шведска, реагира на колумната на професорката на Правниот факултет Тања Каракамишева.
– Нема да биде претерано ако речам дека секоја недела запознавам по едно до две нови семејства од неодамна доселените во Шведска. Може само да се претпостави дека во својот иселенички багаж ги носат со себе и своите стравови, недоумици и траумите што разделбата од родното место и роднините и пријателите неминовно ги предизвикуваат. Но со себе – нема никакво сомнение во тоа – ја носат и љубовта и грижата кон своите деца, кон својот партнер, љубовта и желбата кон подобра иднина и подостоинствен живот – тврди Челиковиќ.
Тој додава дека само во искривената и болно еродирана свест на Каракамишева младите се иселуваат од Македонија поради “оттуѓување од традиционални вредности, од значењето на домот, и семејството, поради невозвратената љубов“.
– Пласирање на вакви манипулативни ставови и гледишта во јавноста претставуваат ништо друго освен еден срамен и гнасен обид да се прикријат фактите кои одамна се неспорни како последица на економската заостанатост, раширената сиромаштија и ригидната партизација на секој сегмент на општественото живеење. Врвот на шилото одамна ја има избушено таа вистина и повеќе тука нема што повеќе да се буши. Каракамишева и на нејзе сличните интелектуалци, кои својот статус го градат преку фанатична лојалност кон пропагандната машинерија на владејачката партија и нејзиниот лидер, очигледно, кога станува збор за иселувањето и дијаспората, зборуваат најобични глупости! – пишува Челиковиќ