Чавков не се сеќава дали тој дал наредба да се апси Бошкоски

by fokus

Екс министерот за внатрешни работи Митко Чавков сведочеше на денешното судско рочиште за случајот „Тортура“, односно за нечовечното апсење на Љубе Бошкоски.

Чавков за сведок беше предложен од СЈО, бидејќи во периодот кога Бошкоски беше уапсен како осомничен за случајот „Кампања“, во јуни 2011 година, бил на функцијата началник на Одделението за организиран криминал.

Чавков рече дека не знаел зошто е спроведен од затворот „Скопје“ каде што издржува притвор, а му станало јасно кога влегол во судница, односно дознал  дека е повикан за сведок.

Тој во врска со апсењето на Бошкоски, истакна дека се сеќава дека станувало збор за индикации за коруптивно кривично дело поврзано со финансирање на политички партии.

-Имавме практика, која јас ја наметнав како началник, независно што работевме по стариот ЗКП, во секое дејствие што го превземавме да се вклучи претставник од Јавното обвинителство, тоа е моето сеќавање за овој случај, бидејќи имаше многу случаи во мојата кариера.

На прашањето на обвинителот Љубомир Лапе, дали учествувал во овој случај и која била неговата улога, Чавков рече дека не се сеќава на деталите, но е сигурен дека се било документирано, како и за сите случаи.

-Мој ангажман било да го делигирам случајот на тимот и вклучување на јавен обвинител, кој ја спроведуваше постапката за обезбедување на докази. Мојот принцип беше ниту да се мешам, ниту да сугерирам, бидејќи голем број беа ангажирани а имаше и примена на Посебни истражни мерки. Не се сеќавам кои од мерките беа применувани, но комуникацијата и односите беа во насока на истражен тим и јавен обвинител. Јас кој раководев со 400 вработени немав ниту интенција, ниту намера да навлегувам во деталите на случаите, рече Чавков, додавајќи уште еденаш дека случајот бил под палка на јавен обвинител.

Обвинителот Лапе го праша и дали во 2011 година, одделението можело да врши снимање со сопствена опрема во затворена просторија?

Чавков рече дека не може да се сети и дека за деталите може да посведочи обвинителот.

-Генерално знам дека во неколку наврати имало документирање на незаконско примање на пари, рече Чавков.

Дали тоа документирање го правело БЈБ или УБК, Чавков повторно рече дека не може да се сети, посочувајќи дека имало случаи кога се координирале, но во случајот рече дека не знае. Чавков не можеше да се сети ниту дали снимањето на апсењето на Бошкоси го правело БЈБ или УБК, како и тоа дали тој наредил да се уапси Бошкоски, велејќи дека поминал долг временски период.

На директното прашање на обвинителот, дали Чавков ми се јавил на Ивица Анчевски да го уапси Бошкоски, тој рече:

-Не се сеќавам на детали, но со Анчевски ниту организациски, ниту функционално сум бил поврзан. Тој тогаш беше во рамките на СВР Скопје, рече Чавков.

Тој додаде и дека од обвинетите освен Сашо Мијалков и Ивица Анчевски друг не познава.

По Чавков сведочеше и Киро Николовски, кој во периодот на апсењето на Бошкоски, бил вработен како сметководител во полициската станица Гази Баба.

Тој раскажа дека Бошкоски бил донесен во станица околу пладне, а со него бил и адвокатот Љубомир Михајловски Џанго.

-Бев известен дека Бошкоски повторно ќе го вратат на местото на апсењето, бидејќи требало да се направи дополнителен увид, рече сведокот.

На прашањето, дали Бошкоси се пожалил на начинот на кој бил уапсен, сведокот рече дека немал забелешка и го потпишале записникот. Тој дополни дека Бошкоски само му се обратил на адвокатот и му рекол:

„Виде ли како ме наместија“!

На денешното рочиште ќе бидат сослушани уште двајца сведоци.

Валентина Вурмо

Поврзани новости