Митко Чавков, Сашо Василевски и Крсто Мукоски денеска од Судот побараа да бидат пуштени од притвор, а како гаранција дека нема да избегаат ги понудија своите пасоши.
Дипломатските и личните пасоши ги остави пратеникот Сашо Василевски, како и Горан Ѓошески, шеф на обезбедување на поранешниот претседател на Собранието Трајко Велјановски.
Претставникот на Јавното обвинителство Анита Тополова Исајловска денеска до Врховниот суд достави предлог со кој бара влијанието врз сведоци и повторувањето на делото да не бидат земени како основа за продолжување на притворот и на куќниот притвор на дел од сомничените за насилствата во Собранието од 27 ми април, бидејќи истрагата веќе е завршена.
Сепак, обвинителката во своето обраќање пред судот наведе дека и натаму како основ за притвор останува опасноста од бегство и побара судот да ја отфрли жалбата и да им ги продолжи притворите. Судот треба да донесе одлука во наредните два дена.