Веднаш по изборот на министрите Чавков во МВР и Спасов во труд и социјала службите во двете министерства ги сменија податоците за министрите. Експресно Спасовски и Ременски од СДСМ се избришани од интернет сајтовите на министерствата и поставени се биографиите на старо- новите кадри на ВМРО ДПМНЕ.
Она што е забележително е дека во делот посветен на поранешните министри за внатрешни работи го нема Спасовски, иако таму стојат фотографиите на другите поранешни министри. Дали тоа што Спасовски беше технички министер е доволна причина за Чавков, со кого беа во постојани конфронтирања, да не го стави на листата покрај другите поранешни министри или сепак меѓусебната нетрпеливост не направи место во архивата на сајтот на МВР за министерот на опозицијата.
И Спасов со Ременски немаше добри колегијални односи. Постојано си поднесуваа пријави еден против друг за многу прашања, од кои дел и за кадровските смени во министерството. Ако службите уште вечерва се ставени во погон да направат измени на сајтовите, тогаш сосема е очекувано уште утре да бидат сменети кадрите кои Спасовски и Ременски ги поставија со цел да формираат тим за колку толку да имаат некаква контрола во министерствата.