Време е народот да им каже на сите овие што земаат часови или апчиња и со години се менуваат од позиција во опозиција и обратно, седете сега вие дома, за сите нас е подобро и побезбедно
Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ
Додека ги слушам политичарите кои како стрвинари надвиснале над народот и со мед во устата му раскажуваат за изборите, а одвај успеваат да го прикријат мирисот на стрвините и лешевите што ги усмртиле и товарот на неделата што ги направиле, ми текнува на еден мој роднина, кој знаеше секоја ситуација да ја опише или да ја искоментира во неколку збора. Тој честопати знаеше да ги праша луѓето кога ќе направат глупост, а се однесуваат како ништо да не се случило, дали земаат часови или апчиња. Гледајќи го зачудено, луѓето ќе го прашаа „за што“. За глупоќа – ќе им одговореше.
И јас се прашувам земаат ли часови или апчиња за „глупоќа“ овие што ни го кројат животот, управуваат со државата, ја обликуваат нашата иднина и го прекројуваат минатото. Ако се часови тоа се најверојатно единствените часови на кои редовно оделе и нешто научиле во нивните животи. Ако, пак, се апчиња во прашање, мора да се многу јаки и со продолжено дејство.
САМО ГЛУПАВ ЧОВЕК НЕ МЕНУВА МИСЛЕЊЕ
Само глупав човек не менува мислење по согледување на определени факти и не прифаќа дека е човечки да згрешиш и да ја поправиш грешката. Паметен човек знае и да сослуша и да размисли, знае и мислењето да го смени и да ја прифати својата грешка или заблуда, а глуп човек ниту слуша, ниту размислува, ниту ја прифаќа својата грешка, туку упорно „тера“ онака како што зацртал. Полош од таков примерок е тој што во исто време пропагира, застапува и се залага за две спротивни работи, кои не одат една со друга. А такви „примероци“ има многу.
Ни го сменија животот, ја замрзнаа сегашноста, нѐ затворија и нас и сѐ околу нас со приказната за короната и вредноста на јавното здравје, кое го издигнаа на пиедестал. Постојано нѐ информираа и нѐ едуцираа за опасноста од короната, ги броеја заразените, починатите и излекуваните за кои и самите тврдеа дека немаат лек. Ја увидоа глупоста, па излекуваните станаа оздравени.
Постојано повторуваа – седете дома. Нѐ затвораа по 80 часа, штитејќи нѐ од короната и нас самите, од нашата непослушност, присност, дружељубивост. Повторуваа седете дома. Нѐ штитеа од кафеаните, рестораните, кафулињата и повторуваа седете дома броејќи ги новозаболените. Нѐ маскираа, ни ставија ракавици, кожата на рацете ни ја исушија од средства за дезинфекција, ги броеја новозаболените и повторуваа седете дома. Ги штитеа младите од животот, од бабите и од дедовците, старите ги штитеа од внуците и од пријателите, ги броеја новозаболените и повторуваа седете дома. Нѐ штитеа од шумите, парковите, чистиот воздух, роднините и пријателите и ни повторуваа седете дома броејќи ги новозаболените.
Сѐ уште ги бројат новозаболените секој ден и предвидуваат уште еднаш да нѐ затворат 80 часа, но сега ни велат – дојдете на избори. Јавното здравје никако не може да биде пред изборите, а короната и не е толку опасна, па можете да излезете, стари, млади, сите вие чии гласови се бројат. Ако вие земате часови или апчиња, народот нема да ја „голтне“ и оваа ваша „глупоќа“.
ИЗБОРИТЕ ПОБИТНИ ОД КОРОНАТА
Или короната не е толку опасна, па нѐ малтретиравте без врска, или изборите се побитни од сѐ, од короната, од опасноста по јавното здравје, од сѐ. Знам што ќе кажете, може да се спроведат избори на безбеден начин. Па, што не ги организирате нашите денови, работењето и ноќите на безбеден начин ако сте кадарни наместо да затворите сѐ живо што работи, во викендите и во ноќите да воведете полициски час и постојано да експериментирате со нас во вашето незнаење, немоќ и некадарноста.
Во градските автобуси короната не напаѓа, ама демнее позади секое дрво во шума и грмушка во паркот, не напаѓа дење од понеделник до петок, ама по 19 часот и во викендите е опасна. Најверојатно е најопасна короната за време на верските празници и во градските средини, па треба 80 часа полициски час, ама за избори, државни теревенки и пијанки, партиски собирања короната е безопасна.
Ако ова не „помине“, тогаш сигурно ќе кажете дека треба да го почитуваме Уставот и Законот, да имаме редовна, вистинска влада избрана на редовни избори.
Никаква разлика нема меѓу владите и нивните успеси во изминативе три децении, ниту може да се забележи некоја разлика меѓу техничката и редовната влада, сите вие функционирате на ист начин и со иста мисла така што би рекол Балашевиќ „принципот е ист, сето друго се нијанси“.
Нема разлика помеѓу вас политичарите ниту во моралот, скрупулите, знаењето и чесноста, сите сте исти и истата приказна ја раскажувате и единствено нешто што ве разликува е дали сте опозиција или позиција. Од тоа зависат и вашите приказни, ветувања, додворување и единствено нешто што ви е свето е фотелјата во која сакате да седнете.
ЛИКОВИТЕ ОД „БОМБИТЕ“ ТРЕБАШЕ ДА СЕ В ЗАТВОР
До Уставот и Законот секако не ви е дојдено, инаку не би ги прекршиле, изиграле и мајтапеле според вашите потреби и желби. Не би бегале од судските реформи и не би го држеле судството в рака, туку би спровеле реформа со реевалуација на работење на секој судија и обвинител и ветинг за секој кандидат за судија, ама вакво судство ви одговара за личните и за партиските интереси.
Да ви е до Уставот и Законот, многу одамна ликовите од „бомбите“ би биле в затвор, а бројчаникот кај Триумфалната капија би ги броел вратените пари, но, наместо тоа, вие создавате нови „бомби“ и ликови од истите, се пазарите со законот за број на гласови, измислувате амнестии, создавате заеднички бизниси и штитејќи ги ликовите од бомбите ги штитите и своите исти такви ликови. Да бевте луѓе по законот и за законот немаше да протнувате уредби кои немаат врска со короната, тендери и да калкулираат со вистината, законот и правдата и да ги растегате како ластик на гаќи.
Уште многу би можело да се напише на оваа тема, но доволно е за тој што не зема часови или апчиња за да разбере, а оние другите и без тоа нема да разберат дури и да им нацрташ. Но, мислам дека е време народот да им каже на сите овие што земаат часови или апчиња и со години се менуваат од позиција во опозиција и обратно, седете сега вие дома, за сите нас е подобро и побезбедно.