Чакаровска: Државата треба да ја користи пресудата од Стразбур за парното како прирачник

by fokus

Адвокатката Данче Чакаровска, која беше една од тројцата ополномоштени што ја застапуваа првата група граѓани исклучени од парно греење што ја тужеа државата во Стразбур, а кои по цели пет години извојуваа правна победа, во разговор за „Фокус“ објаснува што значи оваа пресуда за граѓаните и какви правни последици ќе предизвика.

Разговараше: Гордана ДУВЊАК

ФОКУС: Госпоѓо Чакаровска, неодамна Европскиот суд за човекови права во случајот „Стрезовски и други против Северна Македонија“ пресуди во корист на 8 македонски граѓани за повреда на правото на сопственост заради обврската да им плаќаат надоместок на приватни снабдувачи со топлинска енергија, иако се исклучени од системот. Во што се разликува оваа пресуда од останатите?

 

ЧАКАРОВСКА:Оваа пресуда се разликува од останатите, од причина што утврдува системска повреда на правото на сопственост, заштитено со член 1 од Протокол број 1 кон Европската конвенција. Тоа подразбира дека повредата е последица на функционирањето на системот во целина, што ја вклучува правната рамка, но и примената на оваа правна рамка од страна на судовите.

Тука сакам да истакнам дека се работи за пресуда на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) донесена во совет од 7 судии, а не за одлука или спогодба, бидејќи голем дел од жалбите против државата не ја поминуваат првата фаза на проверка од судот и завршуваат со одлука. Самото тоа што се работи за повреда на правото на сопственост на граѓаните кое е неприкосновено, а и тоа што повредата е направена при носење на правната регулатива, зборува за сериозноста на повредата, но и за комплексноста на прашањето.

ФОКУС: Што точно ценеше Судот?

ЧАКАРОВСКА: Европскиот суд има направено детална анализа на правната регулатива во оваа област и на начинот на кој државата го уредила плаќањето на фиксниот надоместок за ангажирана моќност, притоа опфаќајќи ги Правилата за снабдување од 2012 година, со кои беше предвиден фиксниот надоместок, па сѐ до Правилата за снабдување од 2019 година, со кои се ослободуваат од надоместок оние лица што живеат во тие станови. Секако, опфатени се и настаните помеѓу овие два Правилника, имено однесувањето на Уставниот суд, кој во 2013 оцени дека правилата се во согласност со Уставот и законите, на Врховниот суд, кој во 2018 година го ограничи поимот „исклучен потрошувач”, и на граѓанските судови, кои одлучуваа во секој поединечен случај на еден бланкетен (терковски) начин.

Ваквиот начин на одлучување на судовите ја отсликува реалноста на нашиот правен систем, каде што судовите при одлучувањето постапуваат инертно, односно без доволно сериозен, одговорен и професионален пристап.

Ова особено се однесува на Уставниот суд, кој во 2013 по поведена иницијатива за утврдување на уставноста и законитоста на спорните одредби од правилникот, утврди дека истите се во согласност со законот и Уставот. Со ваквиот начин на одлучување на Уставниот суд доведен е во прашање неговиот легитимитет.

ФОКУС: Во неколку јавни настапи пресудата ја оценивте како „историска“. Во што е нејзината посебност?

 

ЧАКАРОВСКА: Посебноста на оваа пресуда е токму во сеопфатната анализа на правната рамка и на однесувањето на највисоките судови во државата. ЕСЧП го примени таканаречениот „тест на пропорционалност”, односно на оправданост на предвидените мерки, со кои неспорно се навлегуваше во правото на сопственост на граѓаните.

Државата треба да ја користи оваа пресуда како ПРИРАЧНИК во иднина кога ќе носи вакви закони и подзаконски акти со кои се утврдуваат определени обврски за граѓаните. Во вакви случаи многу е важно државата, пред донесување на правната регулатива, да води грижа за целосно почитување на човековите права и слободи, а ограничувањата и обврските кои им се ставаат на товар на граѓаните да бидат максимално рестриктивни и апсолутно да се неопходни за постигнување на одредена легитимна цел. Обврската треба да опфаќа ограничен број лица согласно јасни критериуми, а во никој случај не смее да биде општа и да нема критериуми. Ваквата обврска е уште поизразена кога не се работи за јавни давачки кои се слеваат во буџетот, туку за давачки кои се плаќаат на компанија која е во приватна сопственост. И ЕСЧП во пресудата јасно ѝ укажува на државата дека со наметнување на прекумерен товар на граѓаните, овозможила приватна компанија да оствари неоснован профит.

ФОКУС: Каде потфрлило македонското судство и колку тоа водело грижа за заштита на човековите права и слободи ?

ЧАКАРОВСКА: Не само државата, туку и судовите апсолутно не воделе грижа за заштита на човековите права, на начин што не постапувале на ниво на исклучително сериозната задача која им е доверена со Уставот и законите. Судовите при одлучувањето постапиле спротивно на одредбите од член 2 и член 18 став 4 од Законот за судови, каде јасно е регулирано дека судовите при постапувањето треба да ги заштитуваат човековите слободи и права, како и доколку одредени законски одредби се во спротивност со меѓународен договор, да ги применат одредбите од меѓународниот договор.

ФОКУС: Колку оваа пресуда ќе им биде од корист на судовите како да постапуваат во иднина?

 

 

ЧАКАРОВСКА: Судовите треба да ја користат оваа пресуда како прирачник за тоа како да постапуваат во случаите кога се повредени човековите слободи и права. Судовите, особено највисоките судови во државата, мора да го напуштат ставот „Dura Lex Sed Lex“ (и суровиот закон е закон), во интерес на заштита на човековите права и слободи, заштитени со меѓународни договори.

Поради ова, дојде до ситуација ЕСЧП да биде првиот суд кој го спроведе овој тест на пропорционалност, односно оправданост на давањата и ограничувањата и очекувано утврди дека наметнатата обврска е прекумерна и непропорционална.

Оваа пресуда не ги решава само предметните осум жалби, ниту, пак, само прашањето со фиксниот надоместок за исклучените корисници, туку има потенцијал да воспостави ред и правила во сферата на обврски наметнати на граѓаните со акти на државата.

ФОКУС: Кога стапува во сила оваа пресуда и што треба да се направи за да стане правосилна?

ЧАКАРОВСКА: Пресудата станува правосилна три месеци по нејзината објава, која беше на 27 февруари 2020 година, освен доколку некоја од страните поднесе барање за повторно разгледување до Големиот судски совет. Пресудата е јасна и детално образложена, и поради ова сметаме дека доколку има барање за повторно разгледување, истото нема да биде одобрено од Големиот судски совет.

ФОКУС: Како ќе влијае оваа пресуда на останатите апликации што се уште чекаат одлука во Стразбур?

ЧАКАРОВСКА: Пресудата ќе има суштинско влијание врз останатите жалби, бидејќи се работи за исто правно прашање. ЕСЧП наведува дека станува збор за водечки случај (leading case), па така останатите случаи (околу 120) ќе бидат решени врз основа на овој случај, без повторно да се расправа за конкретната правна работа. Поради тоа, сосема оправдано е очекувањето сите наредни одлуки да бидат во полза на граѓаните.

ФОКУС: Какви правни последици ќе предизвика оваа пресуда?

ЧАКАРОВСКА: Гледано поединечно, жалителите чии жалби се опфатени со пресудата, имаат можност да ги повторат постапките согласно Законот за парнична постапка, на што упатува и ЕСЧП во пресудата. За оваа цел Бирото за застапување на државата пред ЕСЧП ќе ги извести за пресудата сите судови кои биле вклучени во решавање на овие спорови.

Гледано на повисоко ниво, Бирото ќе даде препораки на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на ЕСЧП, која е составена од министри и претседатели на судови, за преземање на соодветни општи и поединечни мерки за отстранување на повредата и спречување на настанување исти или слични повреди.

ФОКУС: Колкав е опфатот на граѓани кои ги тангира оваа пресуда?

 

ЧАКАРОВСКА: Согласно член 18 од Законот за судови, сите судови непосредно ги применуваат одлуките на ЕСЧП и се должни да ги применуваат општите ставови изразени во овие пресуди. Секој граѓанин може да се повика на оваа пресуда во судска постапка, а судовите се должни да ја оценат неопходноста на обврската, согласно заклучоците на ЕСЧП.

ФОКУС: Уште додека се чекаше пресудата, државата во април минатата година преку Регулаторната комисија го измени Правилникот за испорачана топлинска енергија. Дали е тоа доволно за да се смета дека државата направи измени во корист на граЃаните?

ЧАКАРОВСКА: Во секој случај, воведувањето на можноста за граѓаните што живеат во станови исклучени од централното греење да бидат ослободени од обврската за плаќање на фиксниот надомест е некаков исчекор во позитивна насока.

Фактот дека од 2012 до 2019 не постоеја критериуми за ограничување на обврската, беше една од главните повреди утврдени од ЕСЧП. Живеењето во стан кој е исклучен од централно греење, како критериум за ослободување од плаќање на фиксен надоместок, подразбира дека лицето користи други извори на топлинска енергија, што значи дека не ја нарушува енергетската рамнотежа на зградата и не му нанесува штета на снабдувачот со топлинска енергија, ниту на енергетскиот сектор.

Сепак, сметаме дека и во новите измени на Правилникот, во делот на постапката за исклучување од системот на веќе вклучени корисници, повторно има повреда на човековите слободи и права, на начин што не е доволно внимавано за оправданоста на ограничувањата.

Поврзани новости