Здружението на новинари на Македонија бара да се санкционираат нападите врз новинарите и медиумските работници и сторителите да се изведат пред лицето на правдата, a извршната власт да креира безбедна средина за да можат новинарите слободно и независно да ја вршат својата работа.
На редовното неизборно собрание што се одржа викендот, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски ја презентираше Декларацијата за престанок на неказнивоста на нападите и заканите кон новинарите и медиумските работници во која се повикуваат институциите, политичките партии и деловните субјекти да ја почитуваат слободата на изразување на новинарите и медиумските слободи.
-Во случаите кога се напаѓани новинари, нема речиси ниту еден решен случај, а државата потфрли и во случајот со 27 април. Десетици колеги беа брутално атакувани, а институциите не само што не поведоа ниту една постапка, туку се дрзнаа преку државното правобранителство да се обидат да ја одбијат тужбата на нашите колеги – рече Чадиковски.
Тој најави протестен марш доколку продолжат двојните аршини, односно, како што посочи, да се реагира секогаш кога се нападнати политичари, но не и кога се нападнати новинари.
Како една од важните активности реализирани во 2019 година, Чадиковски го издвои креирањето на Регистарот на професионални онлајн медиуми (Promedia.mk).