Обвинителството на Јанева ќе стане дел од републичкото обвинителство и ќе се занимава со поголеми кривични дела

by fokus

Министерството за правда работи на подготовка на измени во Законот за заштита на сведоците и на тоа СЈО да стане дел од државното Јавно обвинителство како специјален оддел, изјави денеска министерот за правда Билен Саљији.

Како што рече тој одделот кој ќе биде формиран со обвинителите од СЈО ќе се занимава со повисоки кривични дела.

На денешното презентирање на отчетот за првите 100 дена во Владата, Саљији рече дека во првите денови од неговиот мандат се соочил со затекнатата ситуација во правосудството поради што во изминатиот период тоа беше мета на континуирана критика од меѓународната и домашната јавност.

-Пред сé тоа се однесува на назадување на независноста и самостојноста на правосудните институции, селективна примена на правдата и непочитување на мерит системот во правосудниот сектор – рече тој.

Министерот се пожали дека нема соработка од Врховниот суд, чиј претседател е Јово Вангеловски.

-Една од значајните активности на Министерството за правда во овој месец  е започнување со увид во системот за управување со судски предмети (АКМИС), за утврдување на евентуална злоупотреба и одговорност поради што е формиран посебен тим. За реализацијата на оваа активност, позитивно се огласија Судскиот Совет на Република Македонија и Основниот Суд Скопје 1, но сеуште нема одговор од страна на Врховниот Суд – објасни Саљији.

Тој рече дека целта на законот за амнестија е да се растоварат казнено-поправните установи.

– Работната група која го изготвуваше Предлог законот, веројатно ги имала предвид сите фактори и сите елементи. Затоа и Владата одлучи да се организираат стручни расправи и дебати. Според некои проценки над 3.000 луѓе лежат во затвор, а над 4.000 веќе чекаат да дојдат на ред да издржуваат казни – рече министерот.

Поврзани новости