Управниот суд на Република Македонија денеска објави Решение со кое утврди промена на пол и ја задолжи Управата за водење на матичните книги при Министерството за правда на РМ да изврши промена во Матичната книга на родени и да го поништи сегашниот матичен број.
Ова е прво решение на Управниот суд на РМ каде со полна јурисдикција е одлучено за правото за промена на податоците во матичната евиденција според фактички извршената промена на пол кај трансродово лице.
По промената на податоци во матичната евиденција, Управниот суд го задолжи Министерството за внатрешни работи на РМ во рок од три дена да издаде нов матичен број кој е соодветен на извршената промена.
Постапката за промена на полот во матичната евиденција на трансродово лице беше подржана во рамки на проектот „Заштита на човековите права на маргинализираните групи во РМ“ спроведуван од страна на Македонското здружение на млади правници. Постапката пред Управниот суд ја водеше адвокат Жарко Хаџи Зафиров, како дел од тимот на адвокати на МЗМП.