Заврши времето кога МВР се користеше како партиски штаб, рече Спасовски

by fokus

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, најави дека најстрого ќе ги казнува злоупотребите на државните ресурси за партиски цели. На самиот почеток од изборната кампања тој им порача на вработените во полицијата дека е забрането учество на полициските службеници во политичка пропаганда.

-Тие треба да бидат во служба на граѓаните, а не во служба на политичките партии. Заврши времето кога просториите на МВР се користеа за партиски штабови, кога возилата на МВР се користеа за пропаганда. Најстрого ќе биде санкционирано какво било злоупотребување на човечки или материјално- финансиски ресурси во текот на изборниот процес, освен за полициската работа која значи одржување на јавниот ред и мир, обезбедување на сите митинзи што ќе се одржуваат од политичките партии до одржувањето на изборите, за да се обезбеди безбеден изборен ден – истакна Спасовски.

Тој ги повика граѓаните било каков притисок од било кој претставник на власта, од било кој полициски службеник, да го пријават во МВР.

-Одделот за внатрешна контрола во овој период ќе работи интензивно на ваквите случаи. Ние сме подготвени да го заштитиме изборниот процес, но партнери во тоа мора да бидат и граѓаните и политичките субјекти – изјави Спасовски.

Поврзани новости