Скендер Бузаку денеска во Основното јавно обвинителство Скопје доставил докази кои, според него, покажуваат дека поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи, сторил кривични дела „перење пари“ и „злоупотреба на службена положба и овластување“, со тоа што, рече Бузаку, тој преку приватна фирма противправно земал 700 илјади евра од ИВЗ.
– Пријавеното лице присвоил над 700.000 евра, пари уплатени за аџилак. До ОЈО доставив и други докази кои ја поткрепуваат кривичната пријава. По факура број 1459 исплатени се средства од 600.702 евра за такса за престој во Саудиска Арабија за 840 аџии, односно ИВЗ платила такса по 800 евра за лице преку посредник – приватна компанија. Според правилата и утврдената такса за престој од страна на Министерството за аџилак на Саудиска Арабија, таксата за престој е утврдена на 510 евра по човек, која ИВЗ требала да ја плати директно на сметката на Министерството. Со тоа што Реџепи исплатата ја извршил преку приватна компанија докажува дека целта била дел од парите да присвои – изјави Бузаку.