75-годишниот градоначалник на Солун, Јанис Бутарис, се здоби со повреди на главата, грбот и нозете откако беше нападнат вчера со шишиња и клоци во главата и телото за време на комеморацијата во Солун по повод одбележување на генецидот врз Пондите.
Бутарис беше нападнат од група екстремисти. Фотографот Костас Цакалидис, за „Ал џезира“ изјавил дека ставот на Бутарис за спорот со името е една од причините зошто националистите го нападнаа.
„Група луѓе почнаа да викаат по него за неговите ставови околу спорот со Македонија, ЛГБТ заедницата, Турција и националистичките фудбалски клубови. Некои од луѓето извикуваа поради Евреите затоа што тој има блиски односи со еврејската заедница“, вели Цакалидис и додава дека некои од напаѓачите ги видел на ултранационалистичките протести.
Во нападот Бутарис падна и додека лежеше на земја еден од насилниците продолжи да го удира со клоци, објаснува фотографот.
Според него, иако група од полициски службеници се наоѓале во близина, никој од нив не реагирал за да го спречи нападот.
Новинарите од „Ал џезира“ побарале коментар од грчката полиција, но до објавување на веста не добиле одговор.
Грчките здруженија на Пондите кои го организираа настанот, категорично го осудија нападот врз Бутарис.
„Извршителите на нападот беа екстремисти кои немаат никаква врска со настанот“, соопштија тие во заедничка изјава.
Нео-фашистичката партија „Златна зора”, која има 16 места во грчкиот парламент, го обвини Бутарис дека ја оцрнува комеморацијата и го поздрави нападот.