Набргу откако Германија изрази сомневање во способноста на Унгарија да претседава со Европската унија во втората половина на 2024 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која ги осудува „намерните и систематски обиди“ на земјата да ги поткопа вредностите на ЕУ и изрази загриженост за нејзината претстојна претседавање со Унијата. И покрај критиките, Будимпешта останува на ставот дека ништо нема да ја спречи да ја преземе оваа истакната улога.
„Се сомневам во степенот до кој Унгарија ќе може да води успешно претседавање со Советот на ЕУ“ – рече германската министерка за Европа, Ана Лурман за новинарите во вторникот во Брисел, каде што различни владини министри се собраа на состанок.
Лурман тогаш изјави дека изолацијата на Унгарија во ЕУ е предизвикана од сериозните проблеми што оваа земја ги има со владеењето на правото, како и нејзиниот непоколеблив став по прашањето за поддршка на Украина во војната против Русија. Покрај Лурман, загриженост изразија и многу министри од ЕУ.
Од друга страна, унгарската министерка за правда Џудит Варга рече дека Унгарија „веќе ги создала сите структури“ потребни за нејзиниот ред да претседава со ЕУ и дека „нема дискусија за тоа“.
Ова не е првпат Европскиот парламент да донесува резолуции со кои се критикува оваа земја, додека унгарските власти тврдат дека конфликтот доаѓа затоа што на членовите на левичарските партии на Европскиот парламент им пречи нивната независна позиција за бројни меѓународни прашања, вклучително и конфликтот во Украина.
Во резолуцијата, усвоена со 442 гласа „за“, 144 „против“ и 33 воздржани, законодавците на ЕУ го доведуваат во прашање кредибилитетот на Унгарија да ја исполни улогата на претседавање со Советот на Европската унија во втората половина на 2024 година.
Од Советот на ЕУ се бара „да се најде решение што е можно поскоро“.