Пратениците во германскиот Бундестаг вечерва со големо мнозинство и одобрија на владата да се заложи за отворање пристапни преговори со Република Северна Македонија. За предлогот гласаа и власта и дел од опозицијата. „За“ гласаа 476 пратеници, против 122, а 16 беа воздражани.
Поддршка доби и поединечната резолуција за почеток на преговори со Албанија. Како што пренесе Дојче веле на македонски јазик, во дебатата која траеше нешто повеќе од половина час, пратениците на владејачките ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите изразија поддршка за реформските напори на Скопје и во повеќе наврати го наведоа Преспанскиот договор како големо достигнување за целиот регион.
Во делот за Северна Македонија владејачката коалиција бара да се гарантира дека реформскиот курс и заокружувањето на потребните реформи ќе бидат одржани. Се додава дека Северна Македонија мора да преземе дополнителни напори за да ги исполни критериумите за членство во ЕУ, особено во делот на владеењето на правото, ефикасноста на Специјалното јавно обвинителство, борбата против корупцијата и организираниот криминал и засилување на институциите за заштита и подобрување на човековите права.
Акциските планови предложени од Европската комисија мора да добијат јасни рокови, чие исполнување треба да биде услов за отворање на нови поглавја. Бундестагот го задржува правото да го смени својот став доколку утврди дека не се исполнуваат поставените услови за почеток на преговорите.
На седницата на Бундестагот присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи кој е во работна посета на Берлин.
За Албанија, за која исто така е одобрен почеток на преговори, „за“ гласаа 395 пратеници во Бундестагот,, 188 беа против и 16 воздржани.