Во моментов, на европскиот континент, само две држави се нефункционални. Украина поради војната, а Македонија поради фактичката разнебитеност и дуизираност. Кога не би била евроинтегративната приказна, власта не би имала што да „продава“.
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Несакани грешки се случуваат во говор, пишување и помнење. Во случајов, насловот на колумната не е лапсус. Според раната Фројдова теорија на психоанализата, тој укажува на потсвесна желба, односно свесна релативизација преку споредување на различни вредности.
Такво претерано поедноставување, со кое грубо се извртува суштината и се минимизира вредноста, прави доајен на македонското новинарство, инаку докажан апологет на „државотворците“.
Во анализата „Како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ“ настојува да даде „вистинска понуда“ за отрезнување на Македонија. Таа се сведува на вулгаризација на тези, или, Фројдовски, нивна булгаризација!
Компарирајќи ја својата со извонредната анализа на хрватскиот новинар „Како би изгледала Хрватска да не е членка на ЕУ“, тој ја релативизира вистинската конотација, настојувајќи да ја прикаже македонската трагична реалност ако не влезе во ЕУ.
Притоа, држи лекција, а како алиби ги користи тезите на својот колега, кој недвосмислено констатира дека Хрватска денес ќе била посиромашна и во немилост на геополитичките интереси и притисоци.
Пред 22 години, притисокот на тамошната десница бил толку голем, што ако се повлекла рачна кочница, големо прашање е дали денес би била членка на ЕУ.
БОГ И ШЕШИРЏИЈА
Со ваква аналогија, авторот нуди одговор на прашањето како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ. Според него, притисокот на македонската „десница“ и „левица“ бил со кренати рачна и ножна кочница и многу поголем отколку тогашното застрашување на хрватските граѓани дека влезот во европското семејство ќе значел обновување на југословенската федерација, само во друга амбалажа. Меѓутоа, времето покажало дека таквата реторика биле купишта глупости на квадрат.
Во Македонија, заплашувањето било дека ќе се изгубат идентитетот, јазикот и Македонците ќе биле асимилирани во Бугари. Испуштањето да се влета во последната врата на последниот вагон на патот за Брисел преку Софија, ќе довело до застрашувачки последици и распад на државата.
Мошне некомпатибилна е споредбата меѓу хрватската и македонската состојба. Никој од соседите не ги негира хрватската држава, идентитет, „тисучуљетна повијест“ и јазик , иако до „вчера“ се именуваше „хрватско-српски.“
Во споредба со хрватската, македонската состојба е како Бог и шеширџија. Век и половина траат бугарските аспирации и негирање на македонскиот идентитет, историја и јазик, со експлицитни закани дека во ЕУ нема место за македонизам!
Авторот спинува дека уставните измени и неизвесното приклучување кон европското семејство, освен розовата иднина и приближувањето до џиновскиот банкомат, ќе значело прифаќање и имплементирање на западните вредности, пред сѐ функционални институции, суштинска борба против партократизмот, непотизмот, организираниот криминал и високата корупција, унапредување на човековите права, слободни медиуми и владеење на правото.
НАДРЕАЛНА СИТУАЦИЈА
Шијамига Ѓуро! Ја заборава или, поверојатно, намерно ја пренебрегнува дијагнозата „Фаилед стате“ и рецептот за лекување на неуспешната држава со терапијата „Прибе“, пропишан пред осум години.
Во него се препорачуваа итни реформи во пет клучни области, како услов за почнување преговори со ЕУ. Тие станаа аксиома што требаше беспоговорно да се спроведе, но не се направи ниту чекор.
Во моментов, на европскиот континент, само две држави се нефункционални. Украина поради војната, а Македонија поради фактичката разнебитеност и дуизираност. Кога не би била евроинтегративната приказна, власта не би имала што да „продава“.
Надреална ситуација! Бугарите никогаш не биле конститутивен фактор на македонската држава. Предлогот за нивно внесување во Уставот, според кредибилни, но сѐ уште официјално непотврдени сознанија од бугарски разузнавачки извори, бил инициран од македонска страна.
Меѓутоа, најновата анализа за јавното мислење покажува дека две третини од вкупниот број испитаници не се согласуваат со уставни измени, при што дури 80 отсто се етнички Македонци. Од друга страна, поразително е убедувањето на „проевропските“ фундаменталисти дека не постои алтернатива, освен ЕУ.
Со слепата фиксација упорно се релативизира темата како ќе изгледа Македонија ако не влезе во ЕУ. Воопшто не ги засега како би изгледала ако, не дај Боже, како геополитички проект на новите реалности, влезе во европското семејство со булгаризација на преговарачкиот процес преку меморицид и бришење на македонизмот!