Бухова за „Фокус“: Зечевиќ го нема на списоците од 19-ти јануари

by Fokus

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвинија генералниот секретар на владејачката партија Миле Зечевиќ дека бил позитивен на ковид за време на посетата на Охрид за празникот Водици, но тој во изјава за „Фокус“ ги демантираше, тврдејќи дека во тој период ниту бил носител на вирусот, ниту пак имал некакви симптоми.

Според најголемата опозициска партија, тој официјално бил позитивен на корона од 20-ти јануари, што би значело дека требало да се тестира на 19 јануари, за да добие позитивен тест ден покасно.

Но, според информациите на „Фокус“, а кои ги потврди и директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, доктор Ирина Бухова, Зечевиќ го нема на списоците од 19-јануари.

„Зечевиќ не е во системот на тестирани лица на 19-ти јануари. Законот е јасен и важи за сите – самоизолација од моментот на тестирање“, вели Бухова за „Фокус“.

Во однос на тоа, реагираа и од СДСМ, од каде истакнаа дека ВМРО-ДПМНЕ шири невистини секогаш кога „се фатени како не ги почитуваат законите и здравствените протоколи“.

„Ограмна е разликата помеѓу Миле Зечевиќ и неодговорноста на Кирил Пецаков. Кирил Пецаков додека чекал резултати за Ковид 19, спротивно на протоколите, беше помеѓу граѓаните на одбележувањето на празникот Водици, наместо да биде во изолација“, истакнаа од СДСМ.

И.М.

 

Поврзани новости