Директорката на ДЗСИ, Иринка Сотирова Бухова, на денешната прес конференција истакна дека се регистрирани неколку прекршувања во постапувањата во Куманово.
Таа појасни дека се направени два инспекциски надзори.
-Првиот инспекциски надзор е извршен на 17 април во Центарот за јавно здравје во Куманово. Првото тестирање било извршено на 26 март на лица од Кризениот штаб. Тестирани биле 28 лица и биле добиени 28 негативни резултати. На 12 април биле земени 38 бриса, од кои пет биле позитивни, по што биле издадени решенија за 37 контакти. Тука се утврдени недостатоци, односно и првото и второто тестирање се без спроведена епидимиолошка анкета. Земени се како скенирање, по одлука на епидемиологот, што е прекршување, бидејќи не е со дозвола на министер, рече Бухова.
Таа го појасни и вториот прекршок.
-Вториот прекршок е што брисевите се земени во просториите во Општина Куманово, што е сосема спротивно на протоколите. Морало да биде во просториите на Центарот на јавното здравје, рече директорката.
Таа појасни дека вториот надзор, пред два дена, бил во повеќе институции, односно во просториите на Центарот на јавно здравје, Службата за итна медицинска помош во Здравствен дом во Куманово, кај матичните на пациентите, и во трите лабаратории во Скопје, кои извршиле тестирање.
-Во службата за Итна Помош имало пропусти при евиденцијата. Во службата за општа болница Куманово М.Д. (градоначалникот Максим Димитриевски) и уште едно лице, биле заведени како итни случаи, и даден итен упат за инфективната болница во Скопје. Лицето не е појавено на преглед. Подоцна таа истакна дека лицата биле упатени на домашно лекување.
-Лицата за кои на 16 април е издадено решение за домашно лекување, не постапиле по решението. Тоа е казниво, за што ќе се изрече прекршочен прекршок од 300 до 600 евра. Вториот прекршок е неправилна евиденција во службата за итна медицинска помош. Таму е во тек вонреден стручен надзор, рече Бухова.