Над сто новогодишни пакетчиња им беа поделени на децата кои се лекуваат во Детската болница – Козле. Пакетчињата се донација од бугарското Министерство за надворешни работи.
По тој повод во посета на болницата беа градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Ангел Ангелов.
– На иницијатива на Бугарската амбасада поделивме пакетчиња за децата кои се лекуваат во болницата. Сакавме да ги израдуваме овие дечиња. Планираме да поделиме пакетчиња и на децата од социјално загрозените семејства на територија на општина Карпош, истакна Богоев.
Амбасадорот Ангелов рече дека пакетчињата се донација од бугарското Министерство за надворешни работи.
– Сметаме дека децата се иднината на општеството и треба да бидат вклучени во сите дејности. Иако се болни, тие треба да се чувствуваат инкорпорирани во нормалниот живот. Ако Дедо Мраз прави чуда и барем на едно дете му помогне значи сме ја завршиле работата, додаде Ангелов.