Бугарските клубови се проблем, а статусот на МПЦ-ОА не е целосно решен, според извештајот на Стејт департментот

by Fokus

Бугарските клубови што беа отворени во Охрид и Битола се проблем, а новиот статус на МПЦ-ОА сѐ уште не е разрешен, стои во најновиот извештај на Стејт департментот за почитувањето на верските слободи во светот.

Во извештајот на Стејт департментот во делот за Северна Македонија, се укажува на потребата од дијалог, толеранцијата и разбирање меѓу различните религиозни групи со владините претставници, се отвора прашањето за статусот на верските слободи во земјата, враќањето на верските имоти и измените на законот за средни училишта, вклучително и акредитацијата на верските училишта. Во него се посочува на владино фаворизирање на одредени верски групи.

Стејт департментот нотира дека новиот статус на МПЦ-ОА не е целосно решен на крајот на годината. Во мај Вселенскиот патријарх на Источната православна црква ја призна МПЦ-ОА како канонска, како ставање крај на долгиот период за непризнавање од глобалната православна црква и поставување на МПЦ-ОА на патот кон автокефалноста.

„Српската православна црква (СПЦ), од која МПЦ-ОА се отцепи во 1967 година, ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА, иако некои црковни набљудувачи изјавија дека само Вселенскиот патријарх има право да дава автокефалност. Новиот статус на МПЦ-ОА не беше целосно решен на крајот на годината. Иднината на Православната Охридска Архиепископија (ОАО), која требаше да се спои со многу поголемата МПЦ-ОА, според документот за признавање на СПЦ, исто така се чекаше на крајот на годината“, се наведува во извештајот.

Во извештајот е нотиран и проблемот со отворањето на бугарски клубови во земјата, и дека лани во август Еврејската заедница реагираше дека отворањето на два бугарски културни клуба именувани по поединци кои работеле со Германците во Втората светска војна, го навредува споменот на Евреите од Северна Македонија кои загинаа во логорот на смртта, Треблинка.

„Демонстрантите и полицијата се судрија на отворањето на еден од клубовите. По протестите, на 2 ноември, парламентот ги измени релевантните закони за забрана на регистрација и работа на ентитети кои ги носеа имињата и симболите на нацизмот, националсоцијализмот или на Третиот рајх или се залагаа за нетолеранција, омраза, фашизам“, се наведува во извештајот.

Во извештајот се наведува дека земјата има 43 признаени верски организации, вклучувајќи ги и петте наведени во Уставот : МПЦ-ОА, ИВЗ, Католичката црква, Евангелско-методистичката црква во Македонија (ЕМС) и Еврејската заедница.

Признаените организации вклучуваат 20 цркви, 10 верски заедници: четири христијански, четири муслимански, една хинду и една еврејска, и 13 религиозни групи: седум христијански и шест муслимански.

Овие пет групи, како и другите регистрирани групи, се одвоени од државата, еднакви пред законот и слободни да основаат средни училишта, добротворни организации и други социјални институции.

Законот им дозволува на другите религиозни групи да ги добијат истите законски права и статус како овие пет групи со поднесување барање за владино признавање и регистрација преку судовите.

Уставот им забранува на политичките партии или други здруженија да поттикнуваат верска омраза или нетрпеливост.

Поврзани новости