Лани бевме помеѓу последните на Детска Евровизија, ќе имаме ли повеќе успех годинава со Тамара?

by fokus

По аудицијата која се одржа во студијата на Македонската радио телевизија на 11-ти мај, од јавниот радиодифузен сервис соопштија дека Комисијата за аудиција за избор на претставник за Јуниорски Евросонг ја избрала Тамара Грујеска од Гостивар.
Таа ќе ја претставува Македонија на изборот кој ќе се одржи на 26-ти ноември во Ница, Франција.

-Тамара е родена на 02.12.2010 во Гостивар. Своите први почетоци во светот на музиката ги прави на само пет години и оттогаш постојано е активна на детските фестивали во земјава и странство. Таа е уникатна и бестрашна. Препознатлива е по моќните изведби и неверојатен вокал кој освојува и никого не остава рамнодушен. Доказ за тоа се и големиот број на награди кој ги освојува, не само во Македонија туку и на интернационални натпревари.

Првиот нејзин настап на интернационален натпревар е во 2021 година на „Езерски Бисери“ во Струга, каде што го освојува Првото место Лауреат I степен. Истата година учествува и на Интернационалниот Фестивал „Ѕвездички“ во Прилеп каде што освојува највисока Гран при награда со нејзината песна „Музиката во мене има дом“. Истата година учествува и на интернационалниот Фестивал „Шкољкице“ во Нови Сад, Србија каде што повторно освојува Гран при награда.

Во 2022 година Тамара учествува и на најпрестижниот фестивал и натпревар во Владимир „Golden Stars Rain“ каде што во конкуренција од 150 натпреварувачи од повеќе земји ја освојува Гран при награда. Гран при награда освои и на меѓународниот фестивал Angel Voice во Белград Србија-појаснето е на страницата на Евровизија Македонија.

Инаку, Тамара е ученичка во седмо одделение, а нејзиниот татко е саксофонистот Дејан Грујевски.

Минатата година на Јуниорски Евросонг кој се одржа во Ерменија, Македонија ја претставуваше Лара Трпчевска, ќерка на пијанистот Симон Трпчевски, заедно со Ирина и Јован, со песната ,,Животот е пред мене”. Автор на песната беше нејзиниот татко, а продуцент беше Дарко Димитров.
Од вкупно 16 земји учеснички, таа заврши на 14-то место.

Иако поради економската криза земјата го откажа учеството на Евровизија 2023, не се откажа од Детската Евровизија.

Од јавниот сервис информираа дека менаџерскиот тим на МРТ формирал комисија од најмалку три члена која го направила изборот на кандидатот кој ќе ја претставува Македонија на настанот.

-Имињата на членовите на комисијата можат да бидат објавени само по завршувањето на изборот, наведено е во правилникот за учество на Јуниорски Евросонг 2023.

Вики Клинчарова

Поврзани новости