Доколку се сака решение за билатерално прашање каде би имало балансиран пристап, но и да се земат во предвид критериумите за приклучување на Европската Унија, многу е јасно дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот и историјата мора да се водат во паралелен процес, бидејќи поинаку, со нивно вклучување во преговарачката рамка целосно ќе се загади пристапниот процес и кој ќе гарантира дека нема да има дополнително вето од Бугарија понатаму, порачува поранешниот евроамбасадор во државава Ерван Фуере.
Според начинот на кој се формулирани бугарските барања, како што рече тој, тие се навреда за македонските граѓани, тие ги напаѓаат срцето и душата на македонската нација и никогаш нема да бидат дел од некое компромисно решение.
-Јас се надевам дека француските дипломатски напори ќе ја разберат чувствителноста поврзана со прашања кои постојат на Западен Балкан и ќе направат напор кој во многу поголем дел ќе ги земе предвид грижите на македонската страна, отколку целосно да се посвети во корист на интересот на Бугарија – рече Фуере.