По реакцијата на бугарските интелектуалци на декларацијата на официјална Софија, професорот по културна антропологија, Ивајло Дичев во колумна за ДВ оценува: Премиерот Борисов сака само да им угоди на националистите.
„Бугарија го фрли камчето. Тоа се вика „Рамковна позиција“. Мислев дека инатењето е во суштина поради коските на Гоце Делчев, но работата се покажа далеку полоша.
Да започнам со позитивното: Бугарија сака нејзините соседи да ги рехабилитираат жртвите на југословенскиот терор, честопати насочен кон луѓе кои се идентификуваа како етнички Бугари. Одлично, тоа е суштински момент во декомунизацијата која задолжително и претходеше и на евроинтеграцијата на источна Европа. Но зошто тука одеднаш се појави и барањето да се тргнат натписи кои ја споменуваат бугарската фашистичка окупација? Можеби не била толку страшна како што ја претставуваат југословенските идеолози, но нели не се сомневаме дека се случила? Јас предлагам да се смириме малку на таа тема, да ја признаеме историската вина на нашата држава, која одлучи да ги преземе териториите подарени од Хитлер во тој срамен сојуз.
Истата симетрија ја гледам и по однос на темата за малцинствата. Бараме од Скопје да не претендира врз македонско малцинство во Бугарија, но малку понатаму во позицијата, настојуваме Албанија да признае бугарско малцинство.
Да се избегнува „македонскиот јазик“?
Најбезумен ми делува пасусот за јазикот. Во него се посочува следното: „Во однос на јазикот да се користи фразата ’официјален јазик на Република Северна Македонија’. При апсолутна неопходност да се користи терминот ’македонски јазик’ во документи и ставови на ЕУ, со ѕвездичка во фусноста да се појаснува дека е тоа „согласно Уставот на Република Северна Македонија“. Затоа што македонскиот бил поврзан со еволуцијата на бугарскиот јазик и неговите наречја со неговата кодификација во 1944 година. Што претпоставува ваквиот лупинг? Во нашиве популистички времиња, оние кои ќе признаат постоење на македонски јазик ќе бидат остро напаѓани од медиумската полиција.
Претставете си сличен ултиматум од Италија кон Шпанија: при споменување на изразот шпански јазик да се стави ѕвездичка со која ќе се објасни дека тој произлегува од латинскиот, сопственост на нашата татковина.“
Ивајло Дичев е професор по културна антропологија на Универзитетот во Софија и предавач на Универзитети во САД и Франција. Тој е редовен колумнист на бугарската редакција на ДВ.
Целата колумна прочитајте ја на овој линк.