Христијан Пендиков кој беше нападнат во Охрид не е бугарски државјанин, туку се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Со вакво тврдење излезе бугарскиот пратеник од „Продолжуваме со промените“, Даниел Лорер во вчерашно интервју за Нова ТВ.
-Господинот кој беше нападнат во Македонија не е бугарски државјанин. Тој се дефинира себеси како личност со бугарска самосвест. Бугарија пред сè мора да ги заштити своите граѓани. Меѓутоа, еден од оние што го нападнаа е бугарски државјанин. Зошто да не зборуваме за него? Што правиме во врска со него?, рече Лорер.
Според Лорер, тензијата меѓу Бугарија и Македонија е вештачка и Софија не треба да концентрира толку ресурси за човек кој не е Бугарин.
-Бугарија мора пред сè да ги заштити своите граѓани, рече Лорер.
Остри реакции на изјавата на Лорер стигнаа од коалицискиот партнер на ГЕРБ – СДС.
-Оваа изјава нè наведува да мислиме дека господинот Лорер не го разбира длабоко проблемот и не разбира што е бугарска самосвест во РСМ. Се добива впечаток дека за него нашите односи со Северна Македонија се апстрактно-институционални. Како луѓето со бугарска самосвест живеат и се справуваат со омразата против нив, очигледно не е во парадигмата на поранешниот министер за иновации.
Зборовите на Даниел Лорер се силна шлаканица за Бугарите во Северна Македонија. Како истакнат претставник на ‘промена’, владеејќи до неодамна и повторно правејќи обиди да дојде до власт, јасно им покажа каков е односот на политичката сила што ја претставуваше кон нив, реагираат од партијата.