Бугарски историчар: Наш интерес е Северна Македонија да опстане бидејќи ја раскинува врската меѓу Србија и Грција која нѐ задушува

by fokus

Стратешки интерес на Бугарија е Северна Македонија да постои како независна држава, бидејќи на тој начин се раскинува копнената врска помеѓу Србија и Грција, која во минатото секогаш ја задушувала Бугарија, изјави бугарскиот историчар, Воин Божинов кој е дел од Бугарската академија на науките (БАН) за бугарското национално радио – БНР.

-Нашата дипломатија мора да има крајно рафинирани начини на дејствување. Од една страна, треба да ги заштити нашите национални интереси, а од друга, треба да покаже дека Република Северна Македонија има место во европското семејство со цел во неа да не започнат деструктивни процеси кои може да доведат до нејзино распаѓање. Нашиот генерален интерес е Република Северна Македонија да постои како независна држава бидејќи нејзиното присуство на картата ја раскинува копнената врска помеѓу Србите и Грците, што е наш голем интерес бидејќи тоа е граница што секогаш ја задушуваше Бугарија, вели Божинов.

Според него, во С. Македонија постои антибугарска хистерија што, според него, покажува дека македонизмот не е само идеологија туку ментална девијација. Тој порачува дека омразата носи негативна реакција и оти Скопје мора да сфати дека не треба да има таков пристап.

Тој ја коментира средбата на специјалниот претставник, Владо Бучковски со Корнелија Нинова (лидерка на опозициската Бугарска социјалистичка партија – БСП) после која вели дека Бучковски ја наппуштил Софија со „свиткана опашка“.

Тој предупредува дека евентуалното одложување на процесите на европската интеграција на Република Северна Македонија ќе покрене сериозни прашања. -Едно од нив е и за обединувањето на Албанците во ЕУ, бидејќи ако не го добијат тоа што го сакаат, можат да ја свртат другата страна на плочата, вели Божинов.

Пораки до земјава преку бугарските медиумите вчера испратија и бугарските власти. Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева рече дека биле принудени да ја блокираат преговарачката рамка затоа што земјава не го ценела пријателството од бугарска страна.

-За жал, Република Северна Македонија не ги ценеше нашите пријателски и добронамерни активности и ги игнорираше нашите предупредувања за непочитување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка, рече Захариева.

Тоа, како што додава било причина за блокадата за преговарачката рамка, меѓутоа изразува надеж за решение.

-Сепак, имаме надеж, остануваме конструктивни и отворени за дијалог дека заедно со нашите колеги од Скопје ќе најдеме излез од оваа ситуација. Ако видиме гаранции во преговарачката рамка, Бугарија е секогаш подготвена да каже ‘да‘. Но, не под притисок. Тие се надеваат на притисок. Тие навистина се надеваат, дека некој, не знам кој, Вашингтон, Берлин, ќе наложи, ќе дојде ќе ја искара Бугарија и Бугарија ќе заборави националниот интерес и ќе каже ‘да‘ без тие да направат ништо, рече Захариева.

Вчера се огласи и Марија Цветкова, пратеничка од ВМРО-БНД која порача дека на светот сега му било јасно дека кирилицата всушност е бугарска азбука.

-Историската вистина беше обновена. На светот му стана јасно дека кирилицата е бугарска азбука. Со промена на словенското писмо со бугарско во името на празникот, ние му даваме тежина на бугарското писмо. Ние подаваме рака на Македонија, на нашите собраќа, зашто имаме заедничка историја. Две држави – еден народ, рече Цветкова.

 

Поврзани новости