Бугарската театарска претстава ,,Вражалец” на театарот ,,Мелпомена” ќе гостува во Македонија. Како што е објавено на страницата на фондацијата Бугарска меморија, на чие чело е бизнисменот Милен Врабевски, познат како финанасиер на бугарските клубови во Битола и Охрид, театарот првин доаѓа во Битола.
Таму ќе се одигра претставата на први февруари, во Народен театар Битола, а пак на втори февруари ќе се прикажува во Штип, во Народен театар Ацо Шопов. На трети февруари претставата гостува во Струмица, во Народен театар Антон Панов. Појаснето е дека влезот ќе биде слободен, а претставата гостува со финансиска помош од Министерството за внатрешни работи на Бугарија и фондацијата Бугарска меморија на чело со Врабевски.
-Иницијативата е неразделен дел од еден од основните приоритети на фондацијата Бугарска меморија, имено, зближување на народот од Бугарија и Северна Македонија, и подобрување на односите помеѓу двете страни – пишува фондацијата на Врабевски.
Како потсетување, со отворањето на бугарскиот клуб ,,Ванчо Михајлов” во Битола во април минатата година, а чиј финансиер е Врабевски, започнаа да растат и тензиите помеѓу граѓаните на Македонија и Бугарија. Отворањето на клубови именувани според контроверзни историски личности ги вознемири македонските граѓани, и на денот на отворањето во Битола, а подоцна и во Охрид беа организирани протести.
Вики Клинчарова