Пишува Ѓорѓи СПАСОВ
Румен Радев и многумина како него тврдат дека Бугарите во Македонија биле дискриминирани но, никогаш не кажуваат што се Бугарите во Македонија. Тврдат дека не се национално малцинство, не биле ниту посебна етничка заедница како Албанците, Ромите и Турците, а не биле дел од народ кој живее во друга држава создадена од друга националност.
Тврдат дека оние лица што денес се изјаснуваат како Бугари се всушност само мал број од оние што по поделбата на Македонија во 1913 година и по формирањето на кралството Југославија во чиј состав како дел од Србија влегла и Вардарска Македонија, не подлегнале на српска асимилација и не се прекрстиле себе си во Македонци со намера да го оддалечат целото население од неговите бугарски корени.
По таа логика во Македонија има само “дебугаризирани” Бугари и Бугари кои веќе 90 години никој не успеал да ги дебугаризира. И пак не е јасно дали тој мал број Бугари кои наводно никој не успеал да ги дебугаризира се национално малцинство во Македонија, етничка заедница на Бугарите или нешто друго што треба да влезе во Уставот како конститутивен елемент.
Со помош и со силата на Бугарската држава, тие Бугари во Македонија се жалат дека биле обесправени, угнетувани и дискриминирани во однос на дебугаризираните Бугари кои се нарекуваат себе си Македонци.
Тој “злостор” за дебугаризација на населението во Македонија, Бугарија и го препишува на Србија а создавањето на македонска нација од дебугаризирањето на Бугарите бил злостор на Тито на Коминтерната, комунистите и Георги Димитров.
Ова го има во секоја историска читанка во Бугарија и е дел од масовна свест создавана преку системот за образование во Бугарија и преку сите медиуми и политички курсеви. Но, тоа тие не го сметаат за нивно идеологизирано наследство од комунизмот туку за историска вистина во која веруваат. Оттука може да се очекува како услов за влез на Србија во ЕУ, Бугарија да бара таа да признае геноцид врз Бугарите во Вардарска Македонија, нивна насилна асимилација и дебуагризација.
Нас Македонците не навредува тврдењето дека сме “дебугаризирани” Бугари или “Срби со говорна мана”и сакаме да не почитуваат така како што се чуствуваме. Тоа е основно човеково право.
Но, Бугарија од позицијата на главен кочничар за членство на Македонија во ЕУ, упорно останува на позицијата дека тоа нема да се случи додека ние Македонците не признаеме дека сме “дебугаризирани” Бугари и дека тоа треба да се внесе во учебниците да се пропагира во медиумите и да им се овозможи на бугарските Универзитети и Медиуми што добиваат работа во Македонија, како и на Бугарите што до сега немале судии и политичари на власт во Македонија да работат слободно врз будењето на “бугарската национална свест” веројатно се додека мнозинското “дебугаризирано”население не признае дека не се Македонци туку Бугари или ако им е полесно дека се “македонски бугари”. И тогаш веројатно врз основа на таквото почитување од страна на Македонија на “европските вредности” ќе може да биде објавено дека Македонија и Бугари се две држави на еден ” сшт “народ.
Сето ова е сосема провидно и познато. Не е јасно само како некој си дозволува оваа бламажа, овој неизживеан Сан Стефановски сон да го прогласува толку дрско за дел од почитување на копенхашките критериуми и за услов за членство на Македонија во ЕУ”.
Слави Трифонов чиј секој јавен настап е полн со исмејување и потсмев кон “Бугарите што станале Македонци” и кои им ги краделе бугарските песни како “Јовано Јованке” , сега веќе како новокомпониран политичар изјавува дека “може да им ја признаеме сегашноста на северномакедонците но само ако тие ја признаат историјата” ( или читај бугарските корени на нацијата и нивната дебугаризација).
И тој народен пејач кој надмено не учествува во дебати ниту со други бугарски политичари, сега доби мандат да решава дали ќе се менува политиката на Бугарија кон Македонија или не. И уште кога ќе ти повторат сто пати дека Бугарија е најзаинтересирана за Македонија да стане членка на ЕУ, ти се поткрева утробата и те тера на повраќање.