Бугарите што го купија Фени годинава добиле лиценца за снабдување со струја во Македонија

by Фокус

Бугарската компанија ЕНЕКОД, која стана нов сопственик на Фени Индустри од Кавадарци, е присутна во Македонија од минатата 2016 година, кога формира компанија за трговија со електрична енергија.

Според податоците од Централниот регистар, на крајот на минатата година се формира компанија со ист назив за трговија со електрична енергија во земјава, чии сопственици се бугарски ЕНЕКОД и Калин Петков Едрев, додека управител е македонскиот државјанин Филип Давидовски.

Веќе во април актуелната 2017 година, Регулаторната комисија за енергетика, пак, носи одлука да и издаде лиценца на компанијата со бугарски капитал за снабдување со електрична енергија за период од 10 години, односно до 2017 година.

Во образложението на одлуката на регулаторот се наведува дека под снабдување со електрична енергија во смисла на оваа лиценца се подразбира набавување на струја од земјава и од странство заради продажба на потрошувачи, трговци, други снабдувачи итн.

Инаку, ЕНЕКОД го презема долгот од 70 милиони евра на Фени, со ветување дека ќе има нови вложувања во комбинатот за преработка на фероникел, како и дека сите 850 вработени ќе останат на работа.

Ова е уште една бугарска компанија која инвестира во земјава за кратко време, откако бугарската компанија Кардфинанс стана сопственик на Скопски саем, чиј уддел изнесува околу 6 милиони евра.

Најголем дел од имотот на Скопски саем е под хитека кај домашните банки, но тоа не е случај со една од атрактивните парцели во овој реон, каде требаше да се гради голем трговски центар.

Според Трговскиот регистар на Бугарија, Кардфинанс е формирана во 2009 година во Бугарија од страна на бугарската фирма АТБ Литос, чиј сопственик, пак, е Татјана Цветанова Бутинска.

Некои бугарски медиуми пишуваа дека ова е една од бугарските инвестиции во Македонија по затоплените политички односи со Бугарија, откако премиерите на двете држави, Зоран Заев и Бојко Борисов, потпишаа договор за пријателство и добрососедство.

В.С.

Поврзани новости