Заев: Го менуваме општеството, обезбедуваме еднакви можности за жените и мажите

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, денеска присуствуваше на  Конститутивната седница на Интер ресорската советодавно консултативна група за еднакви можности на жените и мажите.

Како што рече Заев веќе е воспоставена посебно тело за родова рамноправност, кое што ќе се грижи за имплементација на родовите перспективи. Во него ќе членуваат  претставници од министерствата, од државните институции, социјални партнери на МТСП, од граѓанските организации, експерти.

– Во државава се случуваат големи политички промени, отворивме можности за демократска Република Македонија, за демократски општини, за демократски институции и за демократски развој во сите сфери на општественото живеење. Обезбедувањето еднакви можности на жените и мажите, за што се заложуваме како Влада, е само уште еден доказ дека го менуваме општеството. Но уште поважно, дека ние видливо се менуваме, како луѓе, како граѓани, како политички претставници на граѓаните, застанувајки зад граѓанскиот концепт за еднакви можности за сите, рече премиерот Заев.

Тој информираше дека Владата ќе предложи ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство од 2011 година (Истанбулска конвенција) и согласно оваа Конвенција, ќе воспостави мрежа на стандардизирани институции чијашто обврска е заштита од домашно насилство, ќе воведе програми за помагање на развојот на жените претприемачи, посебно во руралните области, ќе се заложи за вклучување на родовата перспектива во колективното договарање на сите нивоа, ќе предложи нов Закон за родово базирано насилство и измени на Кривичниот закон.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска соопшти дека оваа Влада има системски пристап кон родовото прашање и оцени дека само тоа е решение да има ефекти во брзо време.

-Прашањето го гледаме сеопфатно, вклучувајки го тука во прв план економскиот раст и развој. Половина од жените сега се надвор од пазарот на трудот. Ќе формираме сервиси за поддршка и ќе го зголемиме бројот на вработувања жени. Веќе почнавме со примена алатки за активирање на жените на пазарот на трудот, рече министерката Царовска.

Поврзани новости