Бугарија се прости од патријархот Неофит, владици на МПЦ-ОА учествуваа во погребното опело

by Фокус

Од соборниот храм „ Свети Александар Невски“ во Софија, со масовна поворка со посмртните останки на патријархот Неофит, бугарските верници и претставниците на православните цркви се простија од бугарскиот патријарх.

Телото на бугарскиот патријарх беше ставено во специјална погребна кочија која била користена и на погребот на царот Борис Трети во 1943 година.

Со погребната литургија чиноначалствувал бугарскиот митрополит Јован заедно со митрополити, епископи и свештеници на Бугарската православна црква.

Присутни беа и претставници на помесните православни цркви, меѓу кои и поглаварот на Украинската православна црква, Епифаниј Киевски.

Но, тој учествувал во богослужбата само молитвено бидејќи БПЦ сè уште не ја признала автокефалноста на Украинската црква. Претставник од Руската црква беше западноевропскиот митрополит Нестор.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј, заедно со претставниците на другите помесни православни цркви го отслужи опелото за починатиот бугарски патријарх Неофит.

Во опелото учествувале и владиците на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, владиците г. Тимотеј, г. Петар и г. Иларион.

Поглаварот на Бугарската православна црква и митрополит на софиската епархија, Неофит (79), почина по долго боледување на 13 март, објави Синодот на БПЦ на својата официјална веб-страница.

Веста за смртта на бугарскиот патријарх дојде неколку месеци откако во ноември 2023 година тој беше примен на Воено-медицинската академија во Софија со белодробна болест.

Додека беше хоспитализиран, функциите на поглаварот на БПЦ ги извршуваше митрополитот великотрновски Григориј.

Поврзани новости