Бугарија објави тендер за последните 2,4 километри од железницата од Ѓуешево до Деве Баир

by irena 16:52
16:52

Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура денеска објави тендер за проектирање и изградба нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостасува од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17 – километарската делница од Перник до Радомир.

Според бугарското Министерство за транспорт, двата проекта се важен дел од имплементацијата на Коридорот 8 на бугарска територија, а со објавувањето на тендерите Бугарија ги исполнува своите обврски за целосна изградба на железничка врска меѓу двете земји.

Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата опфаќа и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, а последните 420 метри од таа траса се издвоени како посебна ставка во тендерот, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел. Само на тој начин, посочува Министерството, нема да биде попречено работењето на тешката механизација што се користи за тунелските работи. Рокот за завршување на активностите е до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на 420-те метри, што ќе се градат дополнително.

Проектот за модернизација на делницата од 17 километри од Перник до Радомир вклучува изградба на двојна железничка линија за брзина од 160 километри на час, реновирање на станиците и постојките по трасата и отстранување на сите нивелирани премини со патен сообраќај и пешаци за поголема безбедност. Рокот за завршување е средината на 2029 година.

Како што пренесува БТА, бугарското Министерство за транспорт соопштило и дека пред неколку дена, бугарската страна добила одговор од земјава за нацрт-договорот предложен во јануари година. Бугарската страна, според соопштението, нема забелешки на измените од македонска страна и ќе предложи да се договори датум за потпишување на документот.

По средбата на министрите за транспорт на Македонија и на Бугарија Александар Николоски и Гроздан Караџов, на крајот на минатиот месец, на маргините на Министеркиот форум за транспорт во Истанбил, на која беше постигнат напредок за откочување на изградбата на железницата, делегации на двете држави одржаа состанок на 16 јули во Брисел.

Слични вести