За прв пат денеска темата за преговарачката рамка за Северна Македонија се најде на дневен ред на амбасадорите на земјите членки на ЕУ, откако неколку недели се пеглаа ставовите на експертско ниво, јави дописничката на МИА од Брисел.
Дискусијата за проширувањето траела речиси два часа, бугарскиот амбасадор најдолго зборувал, пренесуваат дипломатски извори за МИА. Тој ја изложил бугарската позиција околу усвојувањето на преговарачката рамка за Северна Македонија, нагласувајќи дека Софија го оспорува краткото име на земјата (Бугарија смета дека земјата треба да се нарекува Република Северна Македонија во официјална комуникација, а не Северна Македонија) како и ословувањето на јазикот како македонски.
Според дипломатите присутни на денешниот амбасадорски совет во Брисел, ниедна земја членка не ја поддржува позицијата на Софија, бидејќи е вон надлежностите на ЕУ и мора да се реши билатерално. Но, потсетуваат дипломатите, правото на вето во Унијата на овие теми е засега неприкосновено, и Бугарија, доколку одлучи може да го блокира усвојувањето на рамката.
Амбасадорите ќе се навратат на прашањето за преговарачката рамка идната недела повторно, со надеж дека ќе има веќе некаков напредок дотогаш помеѓу двете страни, но потсетуваат дека одредени земји членки на ЕУ имаат забелешки на други теми поврзани за реформата на методологијата на преговарачкиот процес.