Бугарија нема да отстапи од ветото без согласност од Националното собрание

by fokus

Владините коалициски партнери во Бугарија вечерва повеќе од три часа заседаваа на вонреден совет со фокус на односите со Република Северна Македонија. Шефицата на политичкиот кабинет на премиерот Кирил Петков, Лена Бориславова по завршувањето на коалицискиот совет, изјави дека коалицијата имала конструктивен дијалог на оваа тема, која, според неа, е исклучително важна за бугарското општество.

– Се договоривме дека за нас е најважно да имаме широк договор за темата Република Северна Македонија, со што го потврдивме ветувањето што го дадовме на целата коалиција дека оваа тема нужно ќе помине низ Националното собрание. Дотогаш ќе ги оставиме дипломатите во МНР да си ја продолжат работата. Тие активно работат и се трудат да го заштитат бугарскиот интерес, изјави Бориславова.

Состанокот во Советот на министри вечерва се одржа по повикот на премиерот Кирил Петков за свикување на Советодавниот совет за национална безбедност за состојбата на преговорите соСкопје.

Бугарскиот претседател Румен Радев претходно денеска, коментирајќи го состанокот на коалициските партнери од Владата, рече дека состаноците не се толку важни, но резултатите се важни и дека очекува Коалицискиот совет вечерва да ги следи постигнатите со консензус ставови и предлози од Советодавниот совет за национална безбедност, да го брани бугарскиот интерес и да ги почитува критериумите за членство од Копехаген што се базираат многу прецизно за човековите права и недискриминацијата.

„Доколку сето ова се случи, ќе дадеме се од себе да и помогнеме на РС Македонија да оди по тој пат “, рече Радев.

Тој го коментираше и инсистирањето на премиерот Кирил Петков да се свика Советот за Република Северна Македонија.

„Се надевам дека поради фокусот на владата на надворешната политика нема да ја изгуби од вид тешката социјална и економска криза во земјата. Се радувам на овој порив и енергија што се инвестира во решавањето на проблемите на РС Македонија на патот кон Европа, да се применува ни помалку ни повеќе за решавање на проблемите на бугарските граѓани“, рече шефот на бугарската држава.

Поврзани новости