Во ЕУ сѐ уште нема согласност за заклучоци за проширувањето пред утрешниот министерски состанок, спорот меѓу Македонија и Бугарија е една од главните пречки, но не е единствена, јави дописничката на МИА од Брисел.
Слично на минатата години земјите членки на ЕУ повторно не можат да ги усогласат заклучоците во делот на проширувањето. Доколку нема заклучоци ова би било втора година по ред како ЕУ не може да постигне согласност за оваа политика. Меѓутоа овојпат поголема е веројатност словенечкото претседателство да настапи со претседателски заклучоци и имиња на земјите кои ги поддржуваат, наместо како што беше лани воопшто да нема никакви заклучоци, брифираат дипломатите во Брисел за МИА.
Несогласувања има и околу Турција и Босна и Херцеговина, а не само околу Северна Македонија.
Што се однесува до македонско-бугарскиот спор, Софија на состанокот минатата недела инсистирала дека Македонија „не ги исполнува критериумите за отпочнување на преговорите“, став кој не добил поддршка од другите 26 земји членки, ниту од Европската Комисија.
Опцијата за одвојување на Албанија од Македонија „доби малку, односно никаква поддршка“, вели висок дипломат на ЕУ за МИА.
Како што дознава МИА од дипломатите присутни на разговорите на амбасадорско ниво, Бугарија се буни за повеќе формалности во заклучоците за Северна Македонија. Една проблематична точка за Бугарија е употребата на „долгото име“ – Република Северна Македонија, на што инсистира Софија.
Нацрт заклучоците на словенечкото претседателство го користат долгото име на сите земји од проширувањето во воведниот дел, потоа во остатокот од текстот се користи краткото име за сите (Северна Македонија, Србија, Албанија, итн.). Софија сака секаде да стои Република Северна Македонија, што е исто така неприфатливо за мнозинството земји членки. Се очекува краен компромис да биде употребата на долгото име за сите земји и во целиот текст, но не само за Северна Македонија, велат дипломатите.