Бугарија и враќа 28 контејнери со отпад на Италија

by fokus

Дваесет и осум контејнери со италијански отпад од вкупно 127 кои пристигнаа досега на пристаништето во Варна добија дозвола за реекспорт, изјави денеска бугарскиот јавен обвинител, Иван Гешев.

Дел од товарот, кој пристигнал на пристаништето од 9 октомври до 25 ноември 2019 година, доби одобрение за реекспорт по консултациите во Обвинителството. Како што е познато, во регионалното обвинителство во Варна се води предистражна постапка согласно Кривичниот закон.

Мешаниот отпад, кој содржи пластика, гума, текстил, стакло и дрвени отпадоци, ќе му биде вратен на испраќачот, италијанската фирма „Дентиче пантелоне“ од градот Салерно.

Увозник на отпадот од Италија е бугарската компанија „Блацион“, регистрирана во Софија, во која учество имаат двајца македонски државјани Блаже Игнатов и Горан Ангелов, кој до неодамна беше директор на скопската депонија Дрисла. Откако избувна скандалот, тој беше отпуштен од работа, објави БГНЕС.

Поврзани новости