Бугарскиот амбасадор во Вашингтон Тихомир Стојчев се уште не одговорил на писмото што 13 американски конгресмени му го испратија во ноември минатата година, а со кое ја повикаа Бугарија да го тргне ветото за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија.
Една од потписничките на писмото, републиканската конгресменка од Њујорк Клаудија Тени, во интервју за Гласот на Америка на македонски, вели дека бугарскиот амбасадор со игнорирање на писмото покажал непочитување на Конгресот на САД.
-Не сме добиле директен одговор од амбасадорот, но слушнавме дека Бугарија нема да го почитува. Ќе продолжи да ги блокира Северна Македонија и Албанија во нивните обиди да ги почнат пристапните преговори со ЕУ. Ќе продолжиме да правиме напори таа да се повлече и да дозволи тоа да се случи. Сакаме да видиме нормализација во регионот, изјави Тени, нагласувајќи дека би сакала да добие одговор од бугарскиот амбасадор, и доколку постои некаква загриженост од страна на Бугарија, да направи напори тоа да биде адресирано од членовите на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом.
-Тие не опструираат од одредена причина, а навистина не знаеме зошто. Тврдат дека Македонците не се однесуваат на таканаречен соседски начин, има дестабилизација и навистина не ги знаеме причините зад тоа. Би сакале да видиме одговор и доколку имаат загриженост би сакала да имаме мултилатерален состанок со членовите на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, и потенцијално со нашите амбасадори или други претставници од тие држави, за да видиме дали ќе можеме да постигнеме подобри односи за конечно прифаќање на овие држави од ЕУ, вели таа.
Минатиот октомври на сослушување во Комитетот за надворешни работи во Конгресот, Тени истакна дека постојат 16 пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права во однос на нарушување на правото на собир на македонското малцинство во Бугарија.