По завршената амандманска расправа во комисиите на Собранието, Владата го дополни предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2021 година.
Приоритетите до крајот на 2021 година, како што соопштија од Владата, ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, отворање на нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија.
Исто така, на денешната владина седница е донесена и одлуката за распределба на буџетски средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации.
Според оваа одлука, се врши распределба на 19.800.000 денари на 33 здруженија на граѓани за проекти распределени во 7 приоритети – забрзан и одржлив економски раст, справување со светската пандемија, заштита на животната средина, владеење на правото, квалитетно образование, модерна и ефикасна јавна администрација и успешно водење на пристапните преговори со ЕУ.