Предлог буџетот на државата за следната година за кој денеска стартуваше расправа во матичната собраниска комисија, според опозициската ВМРО-ДПМНЕ, е нереален, неразвоен, само со социјална компонента и мерки кои се евтин предизборен популизам. Наспроти нивната оценка од парламентарното мнозинство оценија дека буџетската каса се заснова на реални проекти и ќе овозможи вложување во човечкиот капитал, поддршка на приватниот сектор, зголемување на потрошувачката со раст на платите и пензиите, реализација на инфраструктурни проекти.
-Ова е популистички и предизборен буџет со кој се потценуваат граѓаните затоа што се она што не можевте да им го дадете, го правите сега предизборно. Го жртвувате развојот на економијата и на државата, рече пратеничката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за финансирање и буџет Лилјана Кузмановска.
Граѓаните, смета таа, може да очекуваат реализација на само пет проценти од вкупните расходи за капитални инвестиции.
-Рековте дека е буџет кој ќе инвестира во човечкиот капитал. Што подразбирате вие кога во делот на образование најголемо зголемување има кај договорните услуги. Кај проекти во средно образование исто така најголема разлика има во договорни услуги. СДСМ ветуваше награди за најдобри наставници и учители, а износот за тоа е нула. Во делот на високото образование, ученички стандарди и студентски стандард има кратење, а и во делот на науката за 17 проценти, наведе Кузмановска.
Таа обвини и дека пред избори без никаква методологија се ветува зголемување на пензиите за 700 денари и оти се врши притисок врз приватниот сектор да ги зголеми платите иако, оцени, продуктивноста на домашаната економија се намалува. Вака проектиран буџет, смета Кузмановска, ќе има далекусежни последици.
За нејзиниот сопартиец Илија Димовски, целосно е неприфатлива тезата дека буџетот е насочен кон инвстиции во човечки капитал затоа што, како што оцени, тоа подразбира вложување во знаење, а не давање дополнителни пари.
-Инвестиција во човечки капитал не е да им дадете риба на луѓето, туку да ги научите да ловат. Ова е евтин популизам и груб обид за поткуп на изборите со државни пари, рече Димовски, оспорувајќи ги параметрите на кои се повикува Владата во проекцијата на буџетот.
Реплицирајќи, министерката за финансии Нина Ангеловска, рече дека и на неа и е омилена изреката со рибата и оти се согласува со неа. – Кој ги учи децата како да ловат риба? Наставниците. Значи, треба да ги мотивираме наставниците да ги научат децата како да ловат риба и сите ние тука да се трудиме и да ги научиме наместо да им дадеме риба. Токму тоа и се прави, тоа е инвестирањето во човечкиот капитал, нагласи Ангеловска.
Во репликата на критиките од опозицијата нагласи дека буџетот е реално планиран, како и дека капиталните вложувања за 2020 не се за продолжување на стари проекти, туку дека за нови, односно што се почнати годинава или ќе почнат допрва. Ги отфрли и критиките на сметка на вложувањата во образованието и наведе дека завршната сметка покажува оти во 2016 година таму биле одвоени 22 милијарди денари, а сега тој износ е 28,3 милијарди денари, односно за 28 проценти повеќе.
Буџетот за наредната година ќе изнесува 3,615 милијарди евра. Капиталните инвестиции се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи се за области врз кои се потпира човечкиот капитал. Буџетските проекции се врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП и дефицит од 2,3 отсто.