Поранешниот премиер Владо Бучковски не се согласува со одлуката на обвинителот да побара прекин на постапката поради апсолутна застареност на делото на денешното судење за предметот „Тенковски делови“ и побарал од судот да донесе ослободителна пресуда.
Бучковски е обвинет за злоупотреба на службената положба и овластувања при набавка на резервни делови за армиските тенкови во 2001 година како министер за одбрана. Тој за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека не сакаат да го ставаат во ист кош со експремиерот Никола Груевски, кому во средата му застаре делото за „Траекторија“ за кинеските автопати.
„Неговиот случај за ’Траекторија‘ застари затоа што се даде во бегство, јас 13 години се борам за правда, а денес обвинителот го преквалификува делото и побара прекин на постапката пoвикувајќи се на апсолутна застареност! Јас не се согласив и побарав судот да донесе ослободителна пресуда!“, вели Бучковски.