Бубевски: Му честитам на судот за конфискацијата на имот по бруто принцип

by Fokus

Јавниот обвинител Гаврил Бубевски рече дека е задоволен од пресудата во случајот Трансмет со која на обвинетите Сеад Кочан и Василие Авировиќ им се досудуваат затворски казни од шест години за првиот и три години затвор за второобвинетиот.

Бубевски рече дека е пријатно изненаден од одлуката на судот да им се конфискува имотот на обвинетите во износ на вкупната сума за која се товарат.

-Му честитам на судот. Ова е прв пат вака да се конфискува имот по бруто принцип. Ваквиот начин најверојатно ја прави најголемата превенција од вакви кривични дела и е превенција која ја имаат поразвиените судски системи. До сега немам видено ваква конфискација по бруто принцип – рече Бубевски.

Како што појасни тој, на овој начин се прави директен удар по економската добит на кривичното дело.

-Со бруто принцип не се одбиваат трошоците. Целата сума на тендерот се конфискува. Се работи за над 90%, она што се бара е обезбедено со недвижнини и подвижни ствари на осудените – додаде тој.

Како што рече Бубевски, во глобала е задоволен од пресудата и дека треба прво да се разгледаат аргументите на судот за да се одлучи дали ќе има жалба по однос на изречените санкции.

М.В.

Поврзани новости