Сите кои заминуваат од земјава преку аеродромот во Скопје, можат да направат брз антиген тест пред самото заминување. Од неделата пред зградата на терминалот во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, е поставено возило на генетската лабораторијата од клиниката „Жан Митрев“, каде резултатот се добива за 15 до 20 минути од земањето примерок.
Од ТАВ Македонија велат дека целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, да направат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако не направиле тест пред нивното пристигнување на аеродромот.
За да не се создава метеж пред аеродромската зграда, сите што ќе се тестираат треба да пристигнат на аеродром најмалку 4 часа пред времето на полетување.
Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен ПЦР-тест. Германија, пак, бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа ПЦР, ЛАМП или ТМА тестови.
Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа ПЦР или ЛАМП тестови.