Брутална логика на провладините медиуми: кој не е со нас – тој не ни постои за нас!?

by Фокус

arhivaТекстот е објавен на 22-ри јули 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 838

Пишувала
Славица ДУЉАНОВА

Поминаа 40 дена од смртта на Мартин Нешковски, момчето кое не требаше да почива во гроб, туку требаше да живее безгрижен живот со своите врсници. Имаше само 21 година. Не го познавав, како што не го познаваа ниту поголемиот дел од младите, кои жилаво демонстрираат по улиците на главниот град против бруталноста која ја примени полицаец, при што го усмрти Мартин. Власта на секој можен начин се обидува да го уништи протестот, секако, користејќи ги и провладините медиуми за таа цел.

Природно и човечки е да се протестира против неправдата. Некои протестираат тивко во себе, а некои пак гласно и на улица. Младите демонстранти, кои редовно го поддржуваат братот на Мартин, протестот го искажуваа и преку стихови. Скоро секоја вечер изведуваат перформанс пред спомен куќата на Мајка Тереза. За протестот и за крвничкото убиство на Мартин се заинтересираа и странски новинари. Но, за нашите медиуми тоа не е важно, или, пак, така им е наредено? Грујо каде ќе се почеша – тоа е главна вест!

Утрото на 15 јуни во 10.30 часот, семејството Нешковски на гробиштата во Нерези организираше помен. Најблиското семејство, роднини и пријатели на Мартин беа собрани да му оддадат почит. Дојдовме и ние. Изразивме сочувство, зедовме свеќа и застанавме до гробот. Родителите на Мартин немаа веќе солзи да го исплачат своето чедо. Тагата не ме заобиколи ниту мене, стиснав заби, но солзите кои ми тежеа на очите, едноставно се истркалаа. Во еден момент, една од присутните викна: „Дојдоа од Канал 5, што сакаат? Избркај ги!“. Во тој момент си помислив, каква професија е оваа нашата. Мршојадска?! Но, од друга страна, пак, ми беше чест што семејството на Мартин нѐ прифати како дел од нив.

После поменот, Александар, братот на покојниот Мартин, ни пријде и не покани на ручек во ресторанот. Се заблагодаривме, со желба да се видиме вечерта на протестот. Александар очекуваше дека Премиерот ќе се појави на поменот, но тој не ги удостои.

Со грутка во стомакот си заминав дома. Ги следев медиумите, дали некој ќе објави дека во 19 часот братот на Мартин Нешковски повикува на мирен протест. Но, никој не се одважи да ја соопшти ваквата вест. Оние што дојдоа на протестот беа организирани преку интернет. Канал 5 објави за поменот, но не и за протестот. Сител го игнорира случајот, откако главниот уредник кажа дека нема да го покриваат протестот, затоа што СДСМ ја користи смртта на Мартин за политички цели. Нивната новинарска работа завршила со тоа што му изразиле сочувство на семејството. Така барем кажа уредникот на Сител!

Околу 19 часот се упатив кон споменикот на Мајка Тереза. Таму веќе беа собрани дваесеттина млади луѓе, меѓу кои и братот на Мартин и неговите другари. Присутна беше и една странска новинарка, која се распрашуваше за случајот. Неколку локални телевизии, како Алфа, АБ канал и 24 часа, го покрија настанот, но не и провладините Канал 5 и Сител. Ај, ќе рече човек, овие се приватни телевизии, но зошто националниот сервис не го покрива настанот?! Последната вест за него носи датум од 8 јули, барем така стои на сајтот на МТВ. „Им благодарам на медиумите кои објавија за протестот“, изјави братот на убиеното момче, но истовремено изрази разочараност од оние медиуми кои не објавија ништо за неговиот јавен повик. Изјава даде и Стефан Митевски, кој се претстави како редовен учесник на протестите. Покрај барањата на младите луѓе, тој се пожали и за третманот на власта кон младите демонстранти.  Потоа почна перформансот на групата која пееше стихови од Софокле адаптирани на случајот со младиот Мартин.

Стиховите одат вака:

Ти градот го уништуваш со заповед со која
жртвеникот и секој дом обесчестен е веќе
ти реков јас, о синко мој ти внимавај по ова,
не постои на светов човек гревови што нема.
Но ако некој стори грев и сфати дека грев е
примајќи добар совет тоа не е толку страшно,
во несреќа се бара лекот што од злото цери.
Ти тврдоглав си, морам да те осудам за тоа
и затоа ти давам совет, не скврнави го  ти оној труп!
Зар јунаштво е мртов уште еднаш да убиеш?
Најмудро од сѐ е да се слушне добар совет!

Додека групата пееше, странската новинарка застана на страна и внимателно ги слушаше, иако најверојатно не разбираше ниту збор. И се доближив, се претставив и ја прашав од каде е? Таа ми кажа дека се вика Џилиан Кендал и оти 30 години работи како независен новинар. Нема постојано живеалиште, оти извесен период живеела и во Австралија и во Америка, а престојува и во други краишта на светот. Во моментов е ангажирана за австралискиот весник КРУВ. Ми раскажа дека поводот за нејзиното доаѓање во Скопје е манифестацијата Скопско лето. Но, го продолжила својот престој во Македонија, откако разбрала за убиството на Мартин. Одушевена е од тивкиот протест на младите демонстранти. Вакво нешто до сега не видела – протест преку песна!

Откако го направивме разговорот, заедно со другите учесници на протестот се упативме кон скопскиот плоштад. Правда, Правда, Правда! Стоп за полициска бруталност, извикуваа учесниците на протестот. Викав и јас. Забележав дека не придружува и еден пар, маж и жена на возраст од околу 50 години. Им пријдов и ги запрашав, дали често доаѓаат на протестот, оти постари од нив не видов. Рекоа дека нивната ќерка редовно присуствува, па и тие кога можат доаѓаат, за да изразат поддршка. Сите родители треба да го прават тоа, оти, не дај Боже, секој може да изгуби чедо – револтирано зборуваше жената. Стигнаа пред споменикот на Воинот на коњ и тука повторно пееја.

Кога се разотидовме, кога тргнав кон дома, патем размислував каков народ сме ние Македонците, та толку ни се чудат странциве. Но, да се вратиме назад во историјата – други воделе војни, наш народ гинел, а ние сме пееле песни. Колку само песни се создадени за време на петвековното турско ропство. Тоа бил вентилот за искажување на гневот. И ден денес е така. Нѐ тепаат насилници, а ние пееме песни! Ако ни требале пет века да се ослободиме од пустото турско, колку ли ќе ни треба да се ослободиме од прероденово пастирско?! Уште колку песни ќе треба да испееме?

На 16 август, Мартин требаше да наполни 22 години. По тој повод повторно ќе има мирен протест. Нормално, со пеење песни

Џилиан КЕНДАЛ, новинарка
ДАЛИ Е ОВА АРАПСКА ПРОЛЕТ ВО МАКЕДОНИЈА?

ФОКУС Како разбравте за убиството на Мартин?

КЕНДАЛ Бев во Берово и таму во хотелот запознав една жена која ми кажа дека имало убиство во Скопје и дека полицијата сакала да го заташка.

ФОКУС Доколку сево ова се случеше во Америка или Австралија, дали медиумите би го покриле настанот?

КЕНДАЛ Во Америка и Австралија ова ќе биде топ вест се додека не се расчисти случајот. Јас ваков протест не сум видела до сега, толку мирен. Овие млади луѓе протестираат преку песна. Еден сличен ваков случај во Америка беше и случајот со Црнецот Родни Кинг, кој беше претепан од полицајци во источен Лос Анџелес. Настанот беше снимен, сите медиуми ја објавија видео снимката. Многу луѓе излегоа на улиците, тоа беа масовни протести, кои завршија со нереди, кршење излози на продавници, кражби итн.

ФОКУС Вашата полиција се обиде да го заташка случајот за да ги заштити полицајците?

КЕНДАЛ Таман работа, тоа не смее да се случи. За такво дело секој инволвиран мора да одговара. Луѓето беа револтирани од самиот чин, од тепањето на невин човек. Не знам што ќе се случеше полицијата да го заташкаше случајот. Сигурно немаше да се протестира преку песна. Дали е ова арапска пролет во Македонија?

ФОКУС Не верувам, ние сме мирен народ, иако никогаш не се знае.

КЕНДАЛ Овие млади луѓе навистина „светат“ и убаво пеат

Стефан МИТЕВСКИ
ШТО РАБОТИ ВНАТРЕШНАТА КОНТРОЛА НА МВР?

Стефан Митевски по струка е електроинжинер, вработен во приватна фирма како автоматичар, а присуствува на протестите од самиот почеток. Тој упати неколку прашања до власта:

Зошто не постои коректен однос кон луѓето кои секојдневно протестираат? Зошто нѐ маркираат, демонизираат, снимаат од страна инспектори на МВР и ни се врши притисок? Зошто власта се плаши од критика, ние не сакаме да ја смениме власта, туку сакаме да бидеме нејзин коректор? Зошто, кога сакавме да протестираме пред МВР, нас нѐ пречека полициски кордон, а кога другата група (контра-демонстранти) сака да протестира пред СДСМ, тие не се попречени да ја поминат истата рута? Кој е критериумот за селективно попречување на уставното право на слободата на движење? Мислите дека тоа е случајно?! Нашите барања се основани. Што работи внатрешната контрола при МВР? Дали ова тело се позанимавало со четворицата полицајци, кои го пренесувале телото на Мартин, или за се го чека судот? Ако е така, тогаш која е функцијата на ова контролно тело?

Димче ВЕЛЈАНОВСКИ, уредник на информативна редакција на МТВ
ОВИЕ РАБОТИ НЕ СЕ КАЖУВААТ ПРЕКУ ТЕЛЕФОН

ФОКУС Добар ден, Славица Дуљанова од неделникот Фокус…

ВЕЛЈАНОВСКИ Да, повелете.

ФОКУС Пишувам за протестот, инициран од убиството на Мартин Нешковски, па ми треба Вашиот став: Зошто МТВ, како јавен сервис. не го најави, ниту го проследи протестот организиран од братот на Мартин?

ВЕЛЈАНОВСКИ Од каде да знам, дека сте таа за која се претставувате. Овие работи не се кажуваат преку телефон!

Следуваше – Тит, тит, тит… Велјановски ја прекина врската. Иако завртевме повторно, за да прашаме кога може да се видиме, соговорникот постојано ни исклучуваше!

Глобал Војсес
БЛОГЕРСКА ПОДРШКА ЗА ПРОТЕСТОТ

Глобал Војсес е интернационална заедница на блогери, преку која видовме дека има поддршка за протестот од луѓе од сите страни на светот. Блогерот Филип Стојановски ги објавува своите разговори со пријатели од целиот свет. Еве неколку од нив.

Блогерка од Германија напишала: Како може да се случи, два дена да се молчи и да не се знае идентитетот на момчето и медиумите да не известат за настанот!?

Блогер од Бугарија под името Јуруков, прашува: Зошто и бугарските медиуми не известуваат за случајот, туку мора да дознаваме од Твитер, и тоа само благодарејќи на тоа што познавам неколку Македонци? Зарем работите отишле до таму што кај нас се плашат протестите да не се прелеат во Бугарија?!

Блогер од Хрватска: Полицијата ќе не испрати во нашите гробови!

Блогерка од Словенија: Словенскиот Хор „Конбинат“ на настапот во Цеље испраќа фотографија за поддршка на протестот  и петиција потпишана за време на настапот!

Поврзани новости