Бројот на позитивни случаи на ковид-19 во однос од минатата недела е зголемен за 65 проценти, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, потврдија и од Комисијата за заразни болести.
Во текот на денешниот ден има 148 заразени пациенти, а вчера таа бројка изнесуваше 20 повеќе, поточно 168 заразени пациенти. Наеднаш, само за една недела бројките скокнаа, но добро во целата приказна е тоа што пациентите поминуваат со полесна клиничка слика.
Доктор Нико Беќаровски вели дека бројот на заразени со Ковид-19 ќе почне рапидно да расте, но сепак болниците нема да се преполнат со пациенти.
-Бројките во дневната статистика за Ковид-19 ќе започнат рапидно да растат во следните недели како резултат на доаѓањето на Омикрон-БА 4 и 5 и тоа е лошата вест. Добрата вест е што сепак болниците ќе ни останат полупразни, напиша докторот Беќаровски на фејсбук.
Сличен став како него има и микробиолгот Никола Пановски, кој во изјава за „Фокус“ тврди дека
асега ситуацијата е мирна и нема потреба од кревање на никаква паника. Тој во изјава за „Фокус“ тврдеше дека ковид 19 во случајот е „обична настинка“.
„Важно е дали и колку се зголемува бројот на сериозни и критични случаи, а за сега нема индиции за тоа. Ако бројот на хоспитализираните не расте, воопшто не е битен бројот на настинати, дури и е пожелен како природна имунизација“, вели микробиологотПановски.
Комисијата за заразни болести потсетува на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.
Од таму препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.
Во моментот нема план за никакви рестриктивни мерки ниту во Македонија, а ниту во соседните земји.
Досега во земјата се направени вкупно 2.080.874 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 313.856, бројот на оздравени пациенти е 303.783, на починати е 9.323, а бројот на активни случаи изнесува 750.
Ирена Мулачка