Не може од усул да се нема вода, казни за сите во Неготино кои полеваат бавчи со вода за пиење!

by Fokus

Општина Неготино во ек на летните високи температури започнува со рестрикции на водата за пиење, по потреба, кога ќе се намали нивото на вода во резервоарите, во доцните ноќни часови.

Причината за намаленото ниво, како што за ,,Фокус” појаснува директорот на ЈП Комуналец, Митко Ѓорѓиев, е неконтролираното трошење на водата за пиење од страна на неодговорни поединци, кои си полеваат бавчи и дворови, но и многубројните диви приклучоци.

Најави засилени контроли во целата општина, како во градот, така и во околните села, а казната која следува за прекршителите кои ќе бидат затекнати на дело, изнесува околу 15.000 денари.

-Околу 40 дена сум на функцијата директор на ЈП Комуналец, и за сето ова време постојано сум на терен, со цел да се лоцираат сите проблеми кои ја предизвикуваат оваа 30-годишна агонија за граѓаните. Не може цели три децении постојано да се слуша само – Нема вода, а да не се утврдат причините за овој проблем, незамислив во 21 век и да се најдат соодветни решенија. Од она кое го затекнавме на терен, огромен број на граѓани имаат расипани водомери и плаќаат паушално. Токму од таму, во најмногу случаи доаѓа и огромната потрошувачка на вода.

Значи, во план е укинување на паушалното плаќање, и задолжително поставување на водомери кои ќе бидат функционални за секое домаќинство. Околу дивите приклучоци, имаме низа на ситуации, како на пример, преку прозорецот на тоалетот си пуштиле црево, си полеваат бавча. Најдовме и чешми на диво, има премногу кршења на законите. Сето тоа мора да се регулира според закон, затоа што незамисливо е некој да си разладува двор, да полева градина, па дури има и случаи кога ја мијат и улицата, односно тротоарот и коловозот пред нивната куќа, со водата наменета за пиење, а од друга страна, луѓе да немаат вода за пиење во домовите – вели директорот.

Како еден од проблемите во општината, вели дека е и тоа што нема комунален инспектор. Најави дека наскоро тој проблем ќе биде решен, а контролите околу несовесното, односно противзаконско трошење на водата за пиење, започнале да се спроведуваат низ општината.

-Ако некој плаќа по 500 денари, поради расипан водомер, не значи дека треба да се расфрла со вода. Пред некој ден само во Тремник фативме околу 5-6 лица кои полеваат бавчи со вода наменета за пиење, ќе биде покрената постапка против нив. И не е само во селата, овој проблем е исто застапен и во градот. Казната за овој прекршок изнесува 550 кубика, односно околу 15.000 денари. Народот мора да покаже свест, и мора да се стави ред. Искрено се надевам дека овие проблеми ќе станат минато, дека граѓаните кои ги прават прекршоците ќе сфатат дека тоа е на штета на целата заедница – појаснува Ѓорѓиев.

Додава дека веќе стапил во контакт со геолошка фирма која ќе излезе на терен, ќе направи проценки и проект, и во план бил ископ на три нови бунари. Верува дека со совесното трошење на водата за пиење, со замената на расипаните водомери со нови, и со добивање на нови бунари, проблемите со водоснабдувањето ќе бидат минато. -Имаме многу проекти кои треба да се реализираат, за да овој проблем замине во заборав.

И претходните структури се труделе, затоа што никој не сака да живее без основното право – вода за пиење и да слуша постојани поплаки од граѓаните, но едноставно, за да се надмине ситуацијата е потребна соработка од сите страни. Апелирам уште еднаш до граѓаните рационално да ја користат водата за пиење, и да имаат трпение, бидејќи сериозно сме посветени на решавањето на овој децениски проблем – ни изјави директорот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости