Повеќе од 24.000 луѓе загинаа, а десетици илјади се повредени во катастрофалниот земјотрес што во понеделникот ги погоди Турција и Сирија, објавија официјални извори на двете земји.
Потрагата по преживеани заврши во сите области во Сирија кои се под контрола на бунтовниците, објави волонтерската организација Бели шлемови.
Спасувачките служби во Турција се уште се обидуваат да извлечат преживеани од под урнатините и успеваат да пронајдат уште живи луѓе.
Добивањето помош за делови од Сирија кои се под контрола на бунтовниците во северозападниот дел на земјата се комплицира поради долготрајната граѓанска војна.
Сириската влада во петокот одобри испраќање помош во областа, но не кажа кога тоа ќе биде направено.
Преживеаните, многу од нив бездомници, би можеле да доживеат „секундарна катастрофа“ бидејќи снегот и студот ги влошуваат нивните и онака тешки услови.