Бројлер елитисти

by Фокус

Верувале или не, во малата и бедна Македонија, во која владеењето на правото е мислена именка, има триесет и три правни факултети! Глава боли! Балканска „Силиконска долина“ за штанцање дипломи. Накотената „вештачка интелигенција“ изнедрена од неа, прекутрупа се зачленува во партијата на власт.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

Со гордост се вели дека Македонија е лулка на сесловенската писменост, а светите браќа Кирил и Методиј нејзини основоположници.

Се удира во гради за Охридската книжевна школа на Свети Климент како прв универзитет на словенската писменост!

Проблемот е што поимањето за писменост драстично се промени во однос на минатото.

Ако некогаш таа значела распознавање на буквите и способност за пишување, денес се дефинира многу пошироко.

Од способност за критичко размислување, преку јасно пишување до креативно толкување на различни информации и содржини и нивно користење за соодветна комуникација.

Запршката на антологиската визионерска дефиниција за неграмотност ја подготвил кон крајот на минатиот век, Алвин Тофлер, еден од најистакнатите светски футуристи:

Неписмени во 21 век нема да бидат тие што не знаат да читаат и пишуваат, туку тие што нема да знаат да учат и да го обновуваат и дополнуваат знаењето“.

Произлегува дека треба длабоко да се промисли дали современиот Homo Macedonicus може да се смета за писмен или, пак, само привидно „грамотен“?

Особено што функционалната писменост значи многу повеќе од способноста за читање, пишување и сметање.

По Втората светска војна, 80 отсто од популацијата била неписмена, со само нешто повеќе од стотина високообразовани.

Затоа, ургентно се отворале учителски школи, забрзани курсеви, вечерни училишта и други форми за масовно описменување на населението од најзафрлените села до градските средини.

ПРИВАТНИ ИНКУБАТОРИ

За релативно краток период, почнале да функционираат и високошколски установи.

Тогаш било така, но денес сѐ е поинаку и ненормално. Веднаш по добиената самостојност, стана „кул“ продуцирањето на академски звања во „приватни  инкубатори“, преку бројлерски  инженеринг.

Синоним за стекнување формална стручност и титула, но со хендикеп на „фат“ и креативност.

Ука стекната по западнобалкански терк и турена во тимбата на „новомакедонецот“ со европски шмек.

Покрај шесте државни, акредитирани се и дванаесет приватни (пара)универзитети со над сто и педесет факултети, плус самостојни високи т.н. стручни школи и институти како драгстори за шиткање дипломи.

Верувале или не, во малата и бедна Македонија, во која владеењето на правото е мислена именка, има триесет и три правни факултети!

Глава боли! Балканска „Силиконска долина“ за штанцање дипломи. Накотената „вештачка интелигенција“ изнедрена од неа, прекутрупа се зачленува во партијата на власт.

Финалната фаза настапува со лансирато во институциите на системот како благонадежни и просперитетни кадри, кои ќе палат и гасат во и за интерес на партијата.

Верно, партиските бројлери елитисти знаат да читаат и пишуваат, ама функционално се неграмотни.

ЕМ ШУТО ЕМ БОДЕ“

Едно е да се има диплома, а сосема друго да се знае. Токму поради нивната привидна грамотност, Недојдијава се најде во катастрофална состојба!

Згора на ова, непрокопсаниците немаат трошка желба да се надградуваат, креираат и иновираат, да го разберат духот на времето, учествуваат во проекти, на семинари и конференции, едноставно неспособни за целоживотно учење.

Невозможно е да се биде успешен министер, директор, адвокат, лекар специјалист, инженер или која било професија, доколку постојано не се самонадградува и следат најновите трендови во соодветната област.

Со таква „бош“ структура, невозможно е да се планира решавање на економската криза и просперитет.

Во секоја саглам држава, општествената елита ја сочинуваат истакнати и со резултати докажани поединци, способни менаџери, еминентни научници, културни дејци, врвни професионалци и интелектуалци.

Просперитетот директно и линеарно зависи од бројноста на овој општествен „крем“.

Партизацијата, непотизмот и кронизмот продуцираа нерелевантни и лажни величини и вредности, со тимарење и форсирање на сортата „наши деца“.

Бројлер елитисти, кои во моментот раководат со околу 1.400 нефункционални институции и 150 органи на државната управа.

Виран човеци, кои разнебитуваат, пљачкaат бескрупулозно сѐ живо и диво и го сотруваат националниот дух.

Чурук човеци! Колку поалчни – толку пореспектирани и повреднувани. Такви какви што се, а за никаде се, неграмотни и ич несрамотни, без усул држат лекции за „европски вредности“.

Не за џабе е изреката: „Ем шуто, ем боде“!

Поврзани новости